
Проф. д-р Ана Чупеска: Политички „Wellness“ среде Апокалипса
Ако некој деновиве слета од Марс и ја гледа нашата политичка сцена, ќе помисли дека живееме во Швајцарија во 1950-та. Надвор, светот е во состојба на тотално геополитичко лудило, а кај нас, еден специфичен политички субјект – нашите драги „Политички месечари“ – практикува еден вид на зен-будизам, ама од Али Експрес.
Пишува: Проф. д-р Ана Чупеска
Ако некој деновиве слета од Марс и ја гледа нашата политичка сцена, ќе помисли дека живееме во Швајцарија во 1950-та. Надвор, светот е во состојба на тотално геополитичко лудило, а кај нас, еден специфичен политички субјект – нашите драги „Политички месечари“ – практикува еден вид на зен-будизам, ама од Али Експрес.
Тие не молат, тие не плачат.
Тие едноставно – не се будни!
Нивната состојба може најдобро да се опише како „политички wellness“.
Додека надвор беснее бура, тие се во сауна, со краставички на очите, убедени дека ако не го гледаат проблемот, тој не постои.
Ајде да го зумираме тој апсурд.
Од една страна, ја имате новата Национална безбедносна стратегија на САД. Тоа не е четиво за заспивање; тоа е “објава на војна за доминација”.
Америка јасно кажа: спремни сме за војна на два фронта. Пацификот врие, Украина гори. Вујко Сем веќе не дели бонбони за „добро владеење“, туку бара кој ќе носи муниција во ровот.
Од друга страна, Европската Унија е во панична дефанзива. Брисел веќе не се шири, туку се штити. Војната меѓу ЕУ и Илон Маск (односно Трамп преку „Х“) не е кавга за лажни вести. Тоа е судир на галаксии! ЕУ со своите бирократски пенкалца се обидува да се одбрани од дигиталниот Левијатан на техно-олигархијата. Европа сфаќа дека е стара, спора и ранлива пред тој незапирлив алгоритамски удар.
И во овој „Хобсовски пекол“, што прават нашите „Политички месечари“?
1.Дали имаат став за судирот Маск-ЕУ?
2. Дали анализираат што значи американската стратегија за Балканот?
Не. Тие се однесуваат како оркестарот на Титаник, ама на пауза за цигара.
Нивниот молк за овие теми е толку гласен што ги пука ушните тапанчиња.
Да ги прашате за опасноста од „Трампизмот“ или за дефанзивната улога на ЕУ, тие ќе ве погледнат со стаклен, сонлив поглед и ќе ви речат: „Ние сме посветени на европската агенда“.
Тоа е како куќата да ви гори, а вие да сте загрижени дали завесите ви одговараат со тепихот.
Ова е, простете на изразот, интелектуална мрзливост со епски пропорции.
Тие се однесуваат како ништо да не се случило. Како Трамп да е некој лош сон од кој ќе се разбудиме, а ЕУ е сеуште онаа старата, богата тетка што дели џепарлак.
Тој „покер-фејс“ додека реалноста ги шлапа од сите страни е дури и фасцинантен. Дали е тоа стратегија? Не, тоа е когнитивна дисонанца, на стероиди.
Околностите не бараат од нив да бидат паметни, туку да бидат живи!!!
Принудени се на храбри чекори, не затоа што сакаат, туку затоа што таа литургија за „европското спасение“ денес наликува на железничка станица која е обрасната во плевел.
Ако сакаат да бидат нешто повеќе од музејски експонат на една промашена транзиција, „Месечарите“ мора итно да се разбудат, да ја извадат главата од песок (или од каде и да им е пикната). Треба да излезат и „машки“ (во родово неутрална, Шантал Муф смисла) да кажат:
„Луѓе, светот отиде по ѓаволите. ЕУ се брани од Маск, Америка се спрема за војна. Ние сме сами. Еве го планот како да не не изгазат слоновите.“
Е тоа би било државнички.
Тоа би било автентично.
Ова сега? Ова е само тажно гледање на реприза од серија која одамна е откажана, додека некој од страна веќе ни ја исклучува струјата.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на „Трилинг“