
Руски аналитичар: Путин има пари за уште 18 месеци војна
Рускиот аналитичар Александар Габуев истакнува дека, и покрај сите обиди за постигнување мировен договор, Русија сè уште води брутална војна против Украина, но исто така дека времето не работи за Владимир Путин.
Рускиот аналитичар Александар Габуев истакнува дека, и покрај сите обиди за постигнување мировен договор, Русија сè уште води брутална војна против Украина, но исто така дека времето не работи за Владимир Путин. Според неговата проценка, Москва има средства за уште 12 до 18 месеци војна. После тоа, руската каса би можела да се испразни, но само под услов Западот дополнително да ги заостри санкциите.
„Со понатамошни санкции, тоа време би можело да се скрати“, рече Габуев во интервју за „Ханделсблат“. Тој додаде дека, заедно со „Роснефт“ и „Лукоил“, сè уште има помали производители на нафта и суровини во Русија кои не се под санкции.
Габуев работеше со години како новинар во рускиот „Комерсант“, а денес го води Центарот Карнеги Русија Евроазија, тинк-тенк со седиште во Берлин. Тој се смета за еден од водечките експерти за руска надворешна политика. А што е со мировните преговори? Според Габуев, шансите за договор со Украина во моментов се речиси непостоечки.
Габуев објаснува дека американскиот претседател Доналд Трамп сака војната да заврши, но засега тешко дека врши притисок врз Путин. „Затоа Русите веруваат дека имаат време и можат дополнително да ги одложат преговорите“. Рускиот претседател, вели аналитичарот, сè уште инсистира на „многу далекусежни барања“ и не сака да се откаже од нив.
Според неговото толкување, ако војната треба да се направи неодржлива за Кремљ, санкциите мора да бидат уште построги, а веќе договорените казнени мерки мора да се спроведуваат многу построго. Габуев дава конкретен пример: на Кина, Индија и Обединетите Арапски Емирати повеќе не треба да им се дозволува неказнето да купуваат руска нафта или да ги заобиколуваат санкциите. „Ова мора да се прави секојдневно и многу доследно. Во моментов, не се спроведува доволно“.
Сепак, германскиот воен аналитичар Карло Масала е многу повнимателен во разговорот за „Билд“. „Јас сум исклучително претпазлив кога станува збор за вакви прогнози, кои наведуваат специфични временски рамки. Никој не може со сигурност во моментов да каже какви финансиски или политички резерви Русија може – или сака – да мобилизира“.
Масала предупредува да не се „брзо се суди за наводниот момент кога Москва ќе ‘остане без пари’“. Многу фактори, додава тој, зависат од процеси кои можат само делумно да се проценат однадвор.
Во Русија редовно се појавуваат извештаи за експлозија на државниот долг, висока инфлација и недостиг на храна и гориво. Сепак, ова досега не оставило видлив белег врз ситуацијата во Украина. Напротив, самиот Габуев признава: „За жал, ситуацијата за украинските сили се влошува“. Токму затоа, додава тој, Путин верува дека времето работи во негова корист.