Грчките земјоделци ги интензивираат активностите – дополнителни блокади низ целата земја

Земјоделците од цела Грција, кои веќе една седмица нивните трактори ги имаат паркирано на различни локации во земјата, од денеска ги интензивираат нивните активности со дополнителни блокади, што во моментов се над 20, на граничните премини, на главните автопати, на патарини и слично, јави дописничката на МИА од Атина.

Земјоделците од цела Грција, кои веќе една седмица нивните трактори ги имаат паркирано на различни локации во земјата, од денеска ги интензивираат нивните активности со дополнителни блокади, што во моментов се над 20, на граничните премини, на главните автопати, на патарини и слично, јави дописничката на МИА од Атина.

На копнените гранични премини како кон земјава, така и кон Букарија и Турција паркирани се стотици трактори кои повремено ги затвораат границите, секој ден во различен период и го блокираат сообраќајот на возила и камиони.

Блокадата на Евзони поставена од земјоделците од областа Пеонија и градот Јаница со учество на над 300 трактори активна е од минатиот понеделник, а граничниот премин периодично се затвора на неколку часа по 12 часот по локално време и во попладневните часови по 18 часот.

Се очекува оваа пракса да продолжи и денеска, иако одлуките, земјоделците ги носат на дневна база, по состаноци на надлежните комисии.

Главната блокада е во централна Грција, кај Никеа, во близина на Лариса на автопатот Солун – Атина, каде што сообраќајот се одвива по споредни патишта, но за денеска закажана е блокада и на споредните премини во периодот помеѓу 17 и 19 часот, со цел земјоделците да извршат дополнителен притисок и да ги истакнат нивните барања.

Во среда, земјоделците од областа Тесалија, од три различни блока, се очекува заедно да се упатат кон градот Волос и да го блокираат пристаништето.

Во централна Грција блокади има и на автопатот Е65 што ги поврзува градовите Ламиа, Кардица и Трикала со автопатот Егнатија.

Токму на овој автопат во северна Грција од западниот до источниот дел има низа блокови, а земјоделците веќе се проширија и на Пелопонез и на островот Крит.

Во Солун активни се неколку блокади, на патот кон аеродромот и кон Халкидики, но и на патарините на излез од градот, на автопатот кон Атина.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис вчера, уште еднаш ги повика земјоделците на дијалог, повтори дека вратата на Министерството за земјоделство е и секогаш ќе биде отворена за дискусија и уште еднаш посочи дека „радикалните форми на протест, како што се блокадите, може да изразуваат притисок, но на крајот го отежнуваат секојдневието на сите“.

Протестите на земјоделците започнаа на 30 ноември, поради зголемените трошоци за производство и ниските цени за продажба на нивните производи, поради скандалот со европските земјоделски субвенции, а главното барање е исплатата на заостанатите субвенции е трошокот на производството.

Засега нема информации до кога ќе траат.

На повеќе локации каде што се блокадите, земјоделците поставија и новогодишни елки, што во Грција се толкува како порака дека нема да отстапат и доколку е потребно, празниците ќе ги поминат на улица.