Над 25 лица загинаа во голем пожар во ноќен клуб во Индија

Најмалку 25 лица загинале откако избувнал пожар во ноќен клуб во индиската сојузна држава Гоа, јавија локалните медиуми рано изутринава, цитирајќи ја државната полиција.

Најмалку 25 лица загинаа, а повеќемина се повредени во тежок пожар што околу полноќ го зафати популарен ноќен клуб во Арпора, во индиската држава Гоа.

Според првичните информации на локалната полиција, пожарот бил предизвикан од експлозија на плинска боца во кујната, по што огнот брзо се проширил низ објектот.

Поголемиот дел од загинатите биле вработени во клубот, но властите потврдија дека меѓу жртвите има и тројца до четворица туристи.

Идентитетот и националностите сè уште се утврдуваат. Шестмина повредени се хоспитализирани и се во стабилна состојба.

Главниот министер на Гоа, Прамод Савант, изрази длабоко сочувство до семејствата на загинатите и најави официјална истрага.

Таа ќе треба да утврди дали клубот ги почитувал противпожарните правила и дали поседувал валиден безбедносен сертификат.

Првичните извештаи укажуваат дека објектот немал задолжително одобрение дека објектот ги исполнува противпожарните стандарди, што значи дека работел спротивно на пропишаните стандарди.

Индискиот премиер, Нарендра Моди, на платформата X објави дека неговата канцеларија ќе понуди отштета до 200.000 рупии (1.889 евра) за секое семејство на жртвите и 50.000 рупии за повредените.