Кој е „Еуроклир“, депозитарот на замрзнатите руски сретствa во Европа?

Планот на Европската комисија за т.н. „заем за репарации“, кој предвидува искористување на 165 милијарди евра од замрзнатите руски средства во ЕУ за покривање на финансиските потреби на Украина за 2026 и 2027 година, во центарот на дебатата ја постави клириншката куќа со седиште во Брисел, „Еуроклир“.

Планот на Европската комисија за т.н. „заем за репарации“, кој предвидува искористување на 165 милијарди евра од замрзнатите руски средства во ЕУ за покривање на финансиските потреби на Украина за 2026 и 2027 година, во центарот на дебатата ја постави клириншката куќа со седиште во Брисел, „Еуроклир“.

Иако до неодамна „Еуроклир“ беше речиси непозната за пошироката јавност, таа сепак е еден од камен-темелниците на меѓународниот систем. „Еуроклир“ е една од најголемите клириншки куќи во светот заедно со германско-луксембуршката „Клирстрим“, кинеските ЦСДЦ и ЦЦДЦ и американските ДТЦ и „Стејт Стрит“.

„Еуроклир“, која има околу 6.000 вработени, е формирана во 1968 година, а во 2018 година нејзиното седиште е префрлено од Лондон во Брисел како резултат на Брегзитот. Во 2024 година преку „Еуроклир“ биле извршени 331 милион трансакции со хартии од вредност во вкупна вредност од 1,16 трилиони евра, а во неа се чувале депонирани средства во износ од 42,5 трилиони евра.

Накусо, „Еуроклир“ ги чува суверените средства што ги поседуваат државите, комерцијалните и централните банки или пензиските фондови и ги евидентира финансиските трансакции. Нејзина улога е и да ја гарантира сопственоста над депонираните средства, хартиите од вредност и на трансакциите. Депонираните странски средства во „Еуроклир“ се стандардизираат за интеграција во меѓународната трговија, со што клириншката куќа практично е неизбежна алка во глобалните трансакции.

Оттаму, не изненадува што Централната банка на Русија депонирала средства во износ од околу 190 милијарди евра во „Еуроклир“, наместо да ги остави деноминирани во рубљи во Москва.

По стартот на руската агресија врз Украина, Европската Унија воведе серија санкции кон Русија и луѓе блиски до Кремљ и рускиот претседател Владимир Путин. Меѓу овие санкции е и замрзнувањето на сите руски средства депонирани во ЕУ, вклучително и оние во „Еуроклир“.

Мерката „замрзнување“ не значи конфискација на овие средства, туку само на Русија времено ѝ „се блокира директниот пристап до сопственоста над нив“.

По замрзнувањето на овие средства ЕУ донесе одлука за користење на каматите од нив, а Белгија ги оданочи наплаќајќи над една милијарда евра годишно во форма на данок. И ЕУ и Белгија, тврдат дека средствата од каматите, односно данокот биле користени за поддршка на Украина.

Сега со планот на ЕК се предвидува најголем дел од руските суверени средства во „Еуроклир“ да се искористат за исплата на „заемот за репарации“ на Украина. Планот предвидува овие пари да ѝ се исплатат на Украина во форма на позајмица, која земјата би ги вратила откако Русија би и исплатила репарации за „предизвиканите штети за време на агресијата“. Со други зборови, доколку Русија не ѝ исплати репарации, Украина не би биле обврзана да го врати заемот.

Белгија, која се противи на овој план, стравува дека во случај на вакво сценарио, Русија би можела по судски пат да бара од белгиската држава поврат на искористените средства, па затоа инсистира на цврсти гаранции дека сите земји членки ќе ја споделат одговорноста за врaќање на парите доколку некогаш се дојде во таква ситуацијата,

Дополнително, Белгија изразува загриженост и околу легалноста на користењето на замрзнатите руски средства и тврди дека таквата постапка би можело да го наруши нејзиниот и угледот на „Еуроклир“ како сигурен депозитар и да резултира со повлекување на депонираните странски средства од земјата.

Со ваквите оценки се согласува и професорката по финансиско право на Католичкиот универзитет во Лувен, Верле Коларт, која смета дека користењето на средствата може да предизвика „загрижувачки домино ефект“.

– Доколку „Еуроклир“ биде искористен на овој начин, тоа ќе има влијание врз нашите финансиски пазари. Тоа би испратило сигнал дека средствата што се чуваат во „Еуроклир“ не се сигурни, изјави Коларт за белгискиот јавен радиодифузен сервис ВРТ.

Таа посочува дека во сегашните услови на зголемени финансиски ризици на глобално ниво, многу централни банки ги инвестираат своите финансии во европски акции и обврзници, при што најголем дел од овие трансакции минуваат преку „Еуроклир“ и потоа тие средства остануваат депонирани во оваа клириншка куќа.

– „Еуроклир“ во суштина е портата кон европските пазари на капитал, вели Коларт.

Со неа се согласува и професорот по меѓународна економија од истиот Универзитет, Јан Ван Хоуве кој вели дека целиот тој систем се базира на принципот на доверба и на гаранција дека депонентот секогаш мора да има пристап до своите пари.

– Ако го поткопате целиот тој правен поредок, ризикувате другите земји да развијат алтернативи. Во таков случај, според мене, не е прашање дали, туку кога Кина ќе лансира алтернативна институција. Тоа го правеше и порано. Така, со Новата банка за развој (НДН), веќе неколку години се нуди како алтернатива на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), додава Ван Хоуве.

Тој се сомнева дека покрај Кина, уривањето на репутацијата на „Еуроклир“ би можеле да го искористат и некои европски земји.

– Тие ќе се обидат да ја пополнат таа празнина, позиционирајќи се како безбеден чувар на меѓународните финансиски резерви, вели Ван Хоуве.

Според него, доколку се искористат замрзнатите руски средства во „Еуроклир“ за исплата на помош на Украина, покрај тоа што би можело да го намали интересот на другите земји низ светот да ги инвестираат своите резерви во европски акции и обврзници преку оваа бриселска клириншка куќа, туку може да опадне и побарувачката за еврообврзниците. Тоа, како што нагласува Ван Хоуве, ќе ги зголеми трошоците за позајмување на европските земји, што ќе биде значаен проблем за оние со висок јавен долг, и на крајот ќе доведе до раст на долгорочните каматни стапки.

– Ако земјите почнат да депонираат помалку средства во евра поради неизвесност и недоверба во „Еуроклир“, ќе ослабне и позицијата на еврото. Тоа е играње со оган, вели Ван Хоуве.

Послабото евро, како што додава, ќе резултира и со раст на цените на енергијата и на стоките и со зголемување на инфлацијата.

Од друга страна, професорот на Лондонската школа за економија Пол Де Грауве, не верува дека искористувањето на замрзнатите руски средства би довело до повлекување на депозитите од ЕУ и до финансиска или економска криза.

– Зошто некои би ги повлекле своите депозити, само затоа што руските пари се пренесуваат на Украина за таа подобро да се одбрани од бруталната руска агресија?, запраша неодамна Де Грауве во колумна во белгискиот весник „Морген“.