
Во Кочани денеска се одржа уште еден „Марш за ангелите“, организиран од родителите на децата кои трагично ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“.
Колоната тргна во 14:05 часот од Паркот на револуцијата, помина низ центарот на градот, продолжи покрај Управата за јавни приходи и полициската станица, и заврши пред Основниот суд. Таму родителите ги повторија своите барања за правда, одговорност и целосно расветлување на случајот.
Маршот се одржа додека судењето за несреќата е во тек. Родителите нагласија дека нема да запрат со протестите сè додека институциите не обезбедат вистинска правда и соодветни санкции за виновниците.
„Не бараме одмазда, туку правда“, порачаа тие, истакнувајќи дека судницата не смее да се претвори во „Струшки вечери на поезијата“.