Николовски – Тенката линија на која гази дел од Синодот на МПЦ-ОА
Крајно време е МПЦ-ОА да научи дека во се мора да постои ПИ АР. Особено сега кога е на патот кон автокефалност. Одењето тајно во Белград, со државен српски авион, без целосна координација внатре во црквата, без да се подготви своја приказна за тоа што ќе следува, без да се превенираат можни ризици е ниво на тотална неодговорност. МПЦ-ОА не е на владиците, тоа е црква на народот. А народот повеќе од 80 години избираше да се крштева, венчава, погребува во своја црква, макар и непризната. И тоа свесно го правеше, затоа што веруваше во исправноста на патот. Ако, денешниот Томос стане реално лажен Томос, бидете сигурни дека ќе дојдат нови владици - порачува Николовски.
„Денеска на петти јуни 2022 година, СПЦ го заокружи сценариото кое добро го осмисли изминатиов период и го реализираше она за што предупредував повеќе пати.
Знаејќи каде води патот на МПЦ-ОА, по поднесеното барање за апелација кај Вселенската Патријаршија по повеќе од 50 години држење во изолација на македонските православни верници, српската патријаршија трасираше своја приказна и свој пат за да ја претрка Вселенската Патријаршија. Но дали успеа?
Тоа што денеска го направи српскиот Патријарх Порфириј, само десет дена откако во Соборниот Храм во Скопје беше поздравен со аплаузи за одлуката на СПЦ да одобри Автокефалност, е чин со кој на МПЦ-ОА и се понуди лажна автокефалност, е чин со кој Српскиот Патријарх се дрзна да ги менува канонските поредоци на православната црква воспоставени од нејизното постоење. Наместо да го извести Вселенскиот патријарх дека СПЦ е согласна за Томос за автокефалност на Охридската Архиепископија, Порфириј сам потпиша таков документ. Тој документ сам по себе во павославниот свет не е ништо друго освен дел од најголемата измама во историјата на православието. Тој Томос дефакто е лист харитија што МПЦ-ОА не ја прави никаква автокефална црква. Тоа е документ што најверојатно експресно ќе го признае само Руската црква и така МПЦ-ОА ќе стане дел од српско-рускиот свет во Православието. Тоа е документ, на кој некои покојни владици на МПЦ-ОА веројатно би го врзале „мачку у репу“.
Но, тоа е реалноста и тоа се фактите за ова што денеска се случи во Белград и тоа далеку од очите на јавноста, без да бидат информирани и сите владици на МПЦ-ОА, а веројатно и сите владици на СПЦ, бидејќи колку што забележав во Белград не беа претставници на ПОА.
Но, како да се гледа вистински на целата оваа ситуација, која практично е многу тенка линија на која гази дел од Синодот на МПЦ-ОА.
Тука се важни две работи. Првата е веројатно што МПЦ-ОА и немала нешто многу простор за маневар во овие преговори со СПЦ, освен да го следи сценариото од кое СПЦ требаше да излезе достоинствен и конструктивен партнер кој не би ја оспорувал автокефалноста на МПЦ-ОА, а од друга страна да го реализира своето сценарио за да не биде дел од играта на Вселенската Патријаршија.
И втората многу важна работа е што се ова се случува, откако веќе Вселенската патријаршија на 9 мај прва одлучи по 55 години да ја тргне шизмата врз МПЦ-ОА и да го реализира практично процесот за апелација. Во тој процес СПЦ секако е дел од која се очекуваше согласноста за автокефалност.
Чекорите направени од СПЦ се до денеска беа конструктивни. Денешниот потег, е потег кој демонстрира ривалитет кон Вселенската патријаршија. И токму во овој контекст треба да се гледа и толкува оваа одлука. Со други зборови, МПЦ-ОА сега е ставена како заложник на односите на Цариград и Москва, преку Белград. Изборот на МПЦ-ОА во случајот реално не може да биде избор, туку мора да биде конструктивност. Ако СПЦ одлучила да се дрзне да дава Томос за автокефалност, нешто што историски и канонски и припаѓа само на Вселенската Патријаршија, тогаш дали правилно би било МПЦ-ОА да суди и пресудива и носи одлуки, дали ќе го прифати или не тој Томос? Логички не, затоа што нејизната цел не е да влезе меѓу оската Москва-Белград-Цариград, туку да дојде до посакуваната автокефалност што ја заслужува повеќе од пет децении.
Тоа значи дека редоследот на нештата мора да продолжат и натаму според предвидената динамика и план. Но, за тоа има два предуслова.
Првиот е МПЦ-ОА јавно да посочи дека за нејзината автокефалност единсвтен валиден документ е издаден Томос од Вселенската патријаршија, а Томосот од СПЦ го смета како легитимна писмена форма на неопходниот документ за согласност на СПЦ за одвојување на МПЦ-ОА од нејзината канонска јуриздикиција како уште еден аргумент пред Вселенската Патријаршија дека нема никакви пречки за реализиација на автокефалноста на Охридската Архиепископија.
Вториот многу важен предуслов е Вселенската патријаршија на се ова да гледа низ призмата на крајната цел, а тоа е согласноста на СПЦ за автокефалност во Македонија, во рамки на општите околности на православниот свет. Вселенската патријаршија овде не смее да гледа со негативности и некакви задкулисни игри на МПЦ-ОА, бидејќи и самиот црковен Цариград ја упати МПЦ-ОА, со одлуката од 9 мај, на договор со СПЦ. Во тој и тако договор, Вселенската патријаршија треба да знае дека МПЦ-ОА не е онаа која може да диктира процеси, а истовреме да очекува согласност од СПЦ. Со други зборови Вселенската Патријаршија треба да и прогледа низ очи на суетата на СПЦ, разбирајќи ја и нејзината позиција во „заробеништвото“ на рускиот правослевен свет.
Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, во овие геополитички и светски околности многупати покажа дека е вистински лидер на Православието, духовник ослободен од какви било национални или етнички предрасуди, човек кој вложи најмногу во последните 300 години да го обедини православието и православната црква под омофорот на едната Света Црква, имајќи разбирање и за најмалите, за оние кои поради разни националистички причини на „големите“ духовници беа ставени во црковна изолација со децении. Во тој дух, Вартоломеј треба да продолжи да оди, да чекори храборо и да ги прегрне неговите браќаа Архиереи од Охридската Архиепископија простувајќи им за нивната немоќ да се спротивставата на нешто што веројатно е помоќно од нив, но и можеби да им се заблагодари што успеваат да газат по тенката линија од амбисот.
Ако, МПЦ-ОА искрено сака Автокефалност, и ако не е влезена длабоко во руско-српскиот свет, тогаш за нејзе денеска завршува приказната со СПЦ. Сега крајната цел е Стефан, ако сака да биде вистински Архиепископ на Автокефална црква, да направи чекори кои ќе го внесат во диптихот на Православните цркви, каде сите поглавари на помесните цркви ќе го спомнуваа неговото име, а не само Српскиот Порфириј и Московскиот Кирил.
Во овие мои повеќе од 20 години новинарска кариера од религиски прашања секогаш верував дека само Бог ја чува македонската автокефалност и само Бог го трасира вистинскиот пат. Да не беше Бог, владиците одамна ќе ја продадеа за една служба“ пишува новинарот Марјан Николовски на порталот Религија.мк.