
Француска експлозија на овации за „Дон Кихот во Скопје“ во срцето на Париз
Делото „Дон Кихот во Скопје“, напишано по нарачка на Шпанската амбасада по повод Националниот ден на Шпанија, ја прераскажува борбата на славниот Сервантесов херој против трите современи „ветерници“ – Неправдата, Лицемерието и Рамнодушноста. Во приказната на авторката Тина Иванова, Дон Кихот доаѓа во Скопје, победува и ни остава порака: да ги слушнеме фанфарите не на победата, туку на човечкото достоинство.
Француската премиера на делото „Дон Кихот во Скопје“ од Дијана Имери Илкоска и Дино Имери, изведена на 30 ноември во волшебната париска црква „Petite Etoile“, беше дочекана со бурни овации и ентузијазам што ретко се гледа на концертна сцена. Публиката, видливо воодушевена од моќната интерпретација и од уникатноста на делото, не престануваше да ги враќа музичарите на сцената со силни и долги аплаузи, стои во соопштението што МИА го пренесува интегрално.
Ова исклучително музичко дело, кое македонската публика го слушна за првпат во октомври во фоајето на Националната опера и балет со Камерниот оркестар „ID“, отпатува во Париз за својата прва меѓународна турнеја. Таму, беше изведено од престижниот француски ансамбл „Хефестус“, под диригентската палка на Дијана Имери Илкоска, со Дино Имери како пијано-солист и Бојан Илкоски како концерт-мајстор. Покрај македонската премиера, концертот во Париз беше и промоција на најновите трендови во современата музика, дополнета со дела од француски, канадски и италијански композитори.
За овој голем меѓународен момент, ко-авторката и диригентка Дијана Имери Илкоска изјави: „Да се добие покана за настап со ансамбл како ‘Хефестус’, составен од врвни музичари, е огромно признание – и за изведувач и за композитор. Дополнителната возбуда ја донесе и самата атмосфера на Париз. Кога нашиот 7/8 ритам од финалето на првиот став прозвучи меѓу делата на француските автори, ме преплави силна емоција, а публиката веднаш ја препозна – и ни возврати со громогласни аплаузи.“
Ко-авторот и пијанист Дино Имери додава дека концертот за него носи и длабоко лично значење: „Создавањето и приемот на ‘Дон Кихот во Скопје’ уште еднаш ми ја потврдија универзалноста на борбата против трите ветерници – неправдата, лицемерието и рамнодушноста. Убаво е кога ја слушаш својата музика во рацете на музичари како ‘Хефестус’, посветени на новосоздадена музика. Емоцијата беше уште посилна затоа што го делев овој момент со Дијана на подиумот, со Бојан Илкоски како концерт-мајстор и со флејтистката Богдана Бушевска – вистински амбасадор на македонската култура во Париз.“
Делото „Дон Кихот во Скопје“, напишано по нарачка на Шпанската амбасада по повод Националниот ден на Шпанија, ја прераскажува борбата на славниот Сервантесов херој против трите современи „ветерници“ – Неправдата, Лицемерието и Рамнодушноста. Во приказната на авторката Тина Иванова, Дон Кихот доаѓа во Скопје, победува и ни остава порака: да ги слушнеме фанфарите не на победата, туку на човечкото достоинство.
Музички, делото претставува редок спој на шпански и македонски фолклор, обликуван во современ симфониски јазик преку инвентивна оркестрација, ритмички пресврти и препознатлива мелодска експресија.
Учеството на Дијана Имери Илкоска и Дино Имери во Париз беше овозможено со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Македонскиот „Дон Кихот“ го освои Париз. Ова е само почеток на неговото патување низ светот.