
Уставните судии имаат три можности во врска со одлучувањето за уставноста на линеарното зголемување на пензиите, смета премиерот
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека уставните судии имаат три можности во врска со одлучувањето за уставноста на линеарното зголемување на пензиите.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека уставните судии имаат три можности во врска со одлучувањето за уставноста на линеарното зголемување на пензиите.
Одговарајќи на новинарски прашања, по поставување на камен темелник за изградба на нова детска градинка во населба Дексион, Општина Ѓорче Петров, тој рече дека едната е да ги прогласат мерките за неуставни, со што 75 отсто од пензионерите ќе имаат пониски пензии, втората е укинување на мерката на владата, што според Мицкоски било било „неправно и смешно“, а третата е да се произнесат дека мерката е уставна.
Тој повторно за преиспитувањето на мерката на Владата ги обвини „инсталациите на СДСМ“ во судството и во обвинителството, осврнувајќи се и на неговото излагање од собраниската говорница на седницата посветена на пратенички прашања од минатиот четврток.
„Овој пат тие удрија на пензионерите, па ги слушам сега како се препелкаат – тоа што си го земале пензионерите нема да го вратат, но, затоа ќе видиме како понатаму. Нели најпрвин немаше такво нешто. Јас кога го соопштив тоа на пратенички прашања (дека пензионерите ќе имаат помали примања, заб.) тие излегоа рекоа нема такво нешто. За потоа да се препакуваат и кажат добро, еве ќе го разгледуваме сето тоа за од 1 јануари“, рече Мицкоски.
Тој потсети дека последното линеарно зголемување е предвидено за мартовската пензија идната година, прашувајќи како тоа зголемување ќе биде неуставно, а претходните 6 илјади денари ќе бидат уставни.
„Нека ми кажат како тоа ќе го спакуваат“, рече Мицкоски.
Тој потоа посочи дека судиите во Уставен суд имаат три можности.
„Првата е линеарните зголемувања да ги прогласат за неуставни, тоа значи 75 отсто од пензионерите од 1 јануари ќе имаат 3-4 илјади денари пониски пензии. Втората опција е да најдат некоја, за мене, бледа неправна логика следното зголемување да го прогласат за неуставно, а сѐ претходно да биде уставно, што за мене, еве јас не сум правник, но консултирав многу правници, делува смешно. И третата опција е да ги прогласат уставни“, рече Мицкоски, додавајќи дека нема да коментира повеќе и ќе остави на Уставниот суд, за како што кажа, да не биде „повторно сфатено дека прави притисок врз судиите и врз обвинителите“.