Мицкоски: И за возење 50,5 км/ч ќе има опомени
„Апсолутно ја поддржувам примената на „Безбеден град“ како проект и поддржувам да се прошири на целата територија. Некои велат дека ќе донесе политички удар, јас велам дека сме подготвени да го издржиме тој удар, само да спасиме некој живот“, изјави Мицкоски.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека цврсто стои зад примената на системот „Безбеден град“ и дека Владата е подготвена да ги издржи сите политички последици, доколку тоа резултира со спасени човечки животи.
„Апсолутно ја поддржувам примената на „Безбеден град“ како проект и поддржувам да се прошири на целата територија. Некои велат дека ќе донесе политички удар, јас велам дека сме подготвени да го издржиме тој удар, само да спасиме некој живот“, изјави Мицкоски.
Тој потсети дека само во последните две недели во главниот град имало три човечки жртви – повредени и загинати пешаци, како резултат на непочитување на сообраќајните правила.
„Слушам критики од пратеници на поранешното мнозинство СДСМ–ДУИ, како возеле 52 км/ч, 55 км/ч и добиле опомени. И со 50,5 км/ч ќе добијат опомени, бидејќи има правила што значи прилагодена и неприлагодена брзина“, нагласи премиерот.
Мицкоски додаде дека бројката на жртви и тешки несреќи не остава простор за компромиси.
„Се губат човечки животи поради неприлагодена брзина. Еве само видете колку луѓе ги загубиле животите затоа што возачи не прилагодиле брзина и поминале на црвено светло“, рече тој, истакнувајќи дека системот има за цел да воведе ред, дисциплина и култура во сообраќајот.