
Специјалниот американски пратеник, Стив Виткоф, се очекува денеска во Москва на понатамошни разговори за напорите за завршување на војната во Украина, јави ДПА.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Виткоф треба да се сретне со претседателот Владимир Путин попладне, пренесоа вчера руските медиуми.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, претходно го потврди патувањето на пратеникот, но не даде други детали за средбите.
Посетата следува по состанокот во Флорида во неделата меѓу американските претставници и украинската делегација, кои известија дека е постигнат напредок, но нагласија дека сè уште претстои значителна работа.
Дискусиите се фокусираат на предлогот од 28 точки поддржан од САД за завршување на војната, што трае повеќе од три и пол години, потсетува ДПА.
Планот е критикуван од многу набљудувачи како „руска листа на желби“.
Европските партнери и Украина оттогаш преработија делови од предлогот со американските претставници, иако неколку точки остануваат спорни, пренесува германската агенција.