Воен злосторник од БиХ избегна затвор во Србија, откако се приклучи на руските сили во Украина

Поранешниот припадник на војската на босанските Срби, Новак Стјепановиќ, кого судот во Србија правосилно го осуди за воени злосторства извршени во Босна и Херцеговина (БиХ), ја избегна затворската казна приклучувајќи се на паравоените единици кои се борат за Русија на територијата на Украина, објави денеска порталот „Детектор“.

Поранешниот припадник на војската на босанските Срби, Новак Стјепановиќ, кого судот во Србија правосилно го осуди за воени злосторства извршени во Босна и Херцеговина (БиХ), ја избегна затворската казна приклучувајќи се на паравоените единици кои се борат за Русија на територијата на Украина, објави денеска порталот „Детектор“.

Апелацискиот суд во Белград во јуни ја потврди првостепената пресуда со која Стјепановиќ е осуден на 13 години затвор. Тој беше прогласен за виновен за учество во незаконско затворање и малтретирање на цивили од бошњачка националност во село во близина на Братунац во источна Босна во мај 1992 година, кои потоа биле погубени. Осуден е и за силување на 19-годишна девојка, која била незаконски затворена заедно со нејзиното семејство, пренесува Хина.

Судењето во Србија се одржа откако правосудството на БиХ го отстапи предметот на српските власти, по обвинението поднесено уште во 2009 година. Стјепановиќ, во меѓувреме, веќе побегнал во соседната држава.

Првостепената пресуда му беше изречена во декември 2024 година, но судот во Белград тогаш не му одреди притвор, ниту забрана за напуштање на Србија. Тој ја искористил оваа прилика повторно да побегне и да им се приклучи на руските паравоени формации во областа на Доњецк.

Ова било утврдено со анализа на фотографиите што тој самиот ги објавил на социјалните мрежи. Во април, тој објави фотографија на која се гледа во воена униформа во објект што наликува на воен бункер, опкружен со други војници. На една од фотографиите од мај е видлива и неговата војничка идентификациска плочка на која е испишан број и „ВС Россия“, што во превод значи „Вооружени сили на Русија“.

Истиот месец, Стјепановиќ ги известил пријателите на Фејсбук дека е ранет во десната рака, но дека „сè е добро“. На еден од коментарите со прашања одговорил: „Малку си играм војна по Русија“.

Приклучувањето кон паравоени формации во странство е кривично дело и во БиХ и во Србија, за кое е предвидена повеќегодишна затворска казна.