
Муртезани: Нашиот европски пат е исполнет со предизвици надвор од Копенхашките критериуми
Пред повеќе од две децении во Солун беше дадено ветување дека иднината на Западен Балкан е во европското семејство и тоа ветување мора да продолжи да живее не само преку зборови, туку и преку дела, изјави министерот за министерот за европски прашања Орхан Муртезани во обраќањето на 24-от состанок на Мешовитиот парламентарен комитет во седиштето на Европскиот парламент во Стразбур.
Пред повеќе од две децении во Солун беше дадено ветување дека иднината на Западен Балкан е во европското семејство и тоа ветување мора да продолжи да живее не само преку зборови, туку и преку дела, изјави министерот за министерот за европски прашања Орхан Муртезани во обраќањето на 24-от состанок на Мешовитиот парламентарен комитет што започна попладнево во седиштето на Европскиот парламент во Стразбур.
– За Северна Македонија, чиј пат беше долг и честопати исполнет со предизвици надвор од Копенхашките критериуми, европскиот пат и полноправното членство остануваат прашање на цврста убеденост, а не на погодност. Секоја реформа што ја спроведуваме ја зацврстува нашата верба дека Европа е најсилна кога го исполнува своето ветување и дека Унијата е целосна кога оние што најдолго чекале конечно ќе бидат примени како полноправни членки, истакна Муртезани.
Тој потенцира дека за нас европскиот пат никогаш не бил далечна аспирација, туку отсекогаш претставувал секојдневна задача и дисциплиниран напор посветеноста да се претвори во резултати.
– Стразбур не е само град на институции. Тој е жива метафора за тоа што стана Европа. Простор каде што дијалогот ја замени поделбата и каде што идеалите го пронајдоа својот глас во институции кои се изградени за да опстојат. Во ваков амбиент, Европа не може да биде предмет на апстрактен говор. Тука се говори за одговорност, партнерство и храброст за реформи. Денес, додека заседаваме во овој Дом на демократијата, нè обединува истото убедување: дека Европа е најсилна кога слуша, кога создава преку дијалог и уверување, рече Муртезани.
Според него, дека Планот за раст на ЕУ за Западниот Балкан му даде нова димензија на нашиот европски пат, бидејќи претставува признание за она што е постигнато и покана за понатамошно продлабочување на напредокот.
– Преку овој План, Европската Унија покажа дека интеграцијата не е процес што се одложува за некој иден момент. Таа започнува со трансформација на системите, економиите и општествата уште денес и може да донесе опипливи придобивки дури и пред формалното членство, рече Муртезани.
Министерот посочи дека земјава е предводник на таа трансформација, со што беше прва во регионот што го стави во функција Инструментот за реформи и раст и доби претфинансирање од над 52 милиони евра, нагласувајќи дека усвоената сеопфатна и амбициозна Реформската агенда опфаќа реформи во управувањето и јавната администрација, владеењето на правото, енергетската и зелената транзиција, дигитализацијата и развојот на човечкиот капитал.
– Таа им дава структура на нашите реформи и јасност на нашите цели. За помалку од една година, поднесени и одобрени се две барања за ослободување средства, што претставува конкретен напредок во низа области: од дигиталната инфраструктура и енергетската ефикасност до подобрувањето на бизнис-климата. Веќе се исплатени вкупно 24 милиони евра, со дополнителни средства што може да се обезбедат по исполнувањето на 29 активни реформски чекори предвидени за декември 2025 година, како и заостанатите чекори од претходните извештајни периоди. Секој чекор претставува многу повеќе од бирократска етапа. Тој е показател за кредибилитетот на земјата и за посветеноста на Владата кон трајни промени, рече Муртезани.
Тој говореше и за планираните инвестиции во рамките на Планот за раст во енергетика, дигитализација, транспорт и образование и во иницијативи наменети за поврзување на граѓаните, подобрување на конкурентноста и зајакнување на одржливоста.
– Паралелно, работиме на финализирање на патоказите за отворање на поглавјата „Владеење на правото“ и „Реформа на јавната администрација“, како почетни одредници за кластерот „Основни вредности“. Патоказот за реформа на јавната администрација веќе е одобрен од Владата, додека патоказот за владеењето на правото се финализира во координација со Европската комисија. И двата документа се усогласени со пошироките европски стандарди и со скрининг-извештајот на ЕК, рече Муртезани.
Тој посочи дека и со Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава за 2025 година се потврдува дека овие напори даваат резултати и во него се признава напредокот во клучните области, вклучувајќи го и управувањето со јавните финансии, дигитализацијата и реформата на правосудството.
– Во извештајот, исто така, се нагласува континуираната усогласеност на Северна Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика и се истакнува конструктивниот регионален придонес на земјата. Истовремено, Извештајот нè повикува да ги забрзаме реформите во областите каде што доследноста е од суштинско значење. Ние ја сфаќаме таа порака сериозно. Препораките од овогодишниот извештај, заедно со заклучоците од скринингот и експертските мисии, веќе се интегрирани во Националната програма за усвојување на правото на ЕУ и во нашата среднорочна буџетска рамка, потенцира Муртезани.
Според него, резултатите од овие реформи веќе го трансформираат секојдневниот живот на македонските граѓани преку повеќе иницијатива, а со приклучувањето кон Единствената зона за плаќање во евра, европската интеграција стана конкретна и опиплива реалност за граѓаните и за бизнисите.
– Трансакциите што претходно траеја со денови, сега се завршуваат за неколку моменти, семејствата и бизнисите штедат на трошоци, а прекуграничната соработка станува секојдневна реалност. Ова е јасен показател како реформите се претвораат во можности, а интеграцијата станува вистинско, доживеано искуство, додаде Муртезани.
На состанок на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија, свое обраќање имаше и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.