Повластената стапка од 5% за ДДВ на нов стан за прв купувач ќе остане и во 2026-та, граѓаните веќе имаат платено однапред

До 31 декември годинава важи повластената стапка од 5 проценти за ДДВ за првиот купувач на новоизграден стан, мерка со која требаше за да се намали ценовниот шок од поскапувањето на становите во изградба.

До 31 декември годинава важи повластената стапка од 5 проценти за ДДВ за првиот купувач на новоизграден стан, мерка со која требаше за да се намали ценовниот шок од поскапувањето на становите во изградба.

Повластената стапка од 5% ДДВ за првиот промет на новоизграден стан е за прв пат воведена во 2010 година како антикризна мерка и е една од најзначајните мерки што директно влијаат врз достапноста на домувањето и динамиката на градежниот сектор.

Првиот пат е воведена со петгодишно времетраење и неколкупати беше продолжувана, прво за по пет, а потоа за по три години. Последното продолжување е од 2023 година и важи до 31 декември 2025.

Според актуелната Одлука за добрата и услугите со повластена стапка на ДДВ (Сл. весник бр. 203/23), продажбата на новоизградени станови од инвеститор кон купувач се оданочува со 5%, наместо со редовните 18%“.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, информира дека повластената стапка од 5% ДДВ за првиот промет на новоизградени станови ќе продолжи да важи и по 1 јануари, согласно предложените измени кои веќе се во владина процедура.

„Пред еден месец го изнесовме нашиот став, но беше потребно да се извршат дополнителни анализи и пазарни испитувања, не само во Македонија, туку и споредбено со другите земји. Врз основа на тие резултати, предложивме стапката од 5% да остане и натаму. Исто така ние сме во постапка на измена и дополнувања на целиот Закон за ДДВ каде што ќе предложиме одредени модалитети кои ќе се применуваат во иднина “, истакна министерката во интервјуто за емисијата „Аргумент плус“ на Телевизија 24.

Таа потенцира дека во моментот не постојат услови за примена на повисока стапка, особено имајќи предвид дека дел од граѓаните веќе имаат платено авансни средства додека објектите се во градба.

„За да не биде оштетен ниту еден граѓанин, потребна е целосна и јасно утврдена постапка. Сега во моментот нема можност за такво нешто и затоа предложивме да продолжи да важи тој член кој вели дека повластената стапка од 5% ќе остане и понатаму “, појасни Димитриеска-Кочоска.

Министерката додаде дека и во земјите со повисоки генерални стапки на ДДВ, даночното третирање на становите е пониско. При тоа, наведувајќи дека во Словенија, на пример, редовната стапка на ДДВ за станови е 9,5%.

Инаку, доколку мерката не се продолжи, ДДВ повторно ќе биде 18%, што може да предизвика поскапување на новите станови, но и зголемен приход во Буџетот.

Извор: Фокус