Џамбаски бара Брисел да реагира за нападот на Владимир Перев во Скопје

Во писмото до Европарламентот и Европската комисија, поранешниот европратеник од Бугарија додава дека со системските напади врз луѓе кои се декларираат како Бугари се кршат Копенхашките критериуми што се утврдени од самата Европска Унија. Секоја кандидатка за членство во ЕУ, додава Џамбаски, е должна да гарантира човекови права, заштита на малцинствата, стабилни институции и владеење на правото.

Поранешниот бугарски европратеник Ангел Џамбаски испрати отворено писмо до Европскиот парламент и Европската комисија по повод нападот што минатата недела во маркет во Скопје се случил врз ексновинарот и публицист Владимир Перев, деклариран Бугарин од земјава.

Во отвореното писмо до европратениците и членовите на ЕК, Џамбаски оценува дека нападот врз Перев не е инцидент туку, како што вели, уште еден случај во долгиот синџир на насилство и етничка омраза во земјава.

„Моето трпение и трпението на сите што веруваат во европските вредности е исцрпено. Вашето тврдоглаво молчење пред систематските напади врз Бугарите во Северна Македонија не е само политичка кратковидост, туку морален и правен неуспех“, пишува Џамбаски, додавајќи дека молчењето го легитимира насилството.

Во писмото тој додава дека со системските напади врз луѓе кои се декларираат како Бугари се кршат Копенхашките критериуми што се утврдени од самата Европска Унија. Секоја кандидатка за членство во ЕУ, додава Џамбаски, е должна да гарантира човекови права, заштита на малцинствата, стабилни институции и владеење на правото.

„Северна Македонија очигледно не го прави тоа. И очигледно вие претпочитате да се преправате дека не го гледате тоа. Кога граѓаните се нападнати поради нивната етничка припадност, кога новинарите се напаѓани затоа што ја зборуваат вистината, тоа е директно кршење на членот 2 од Договорот за ЕУ – човечко достоинство, слобода, еднаквост, владеење на правото, заштита на малцинствата. И кога европските институции молчат, ова е кршење на политичката кохерентност на самата Европска Унија“, пишува Џамбаски во писмото.

Тој дополнително се повикува на членот 49 од Договорот за ЕУ според кој, како што додава, пристапувањето под овие околности е правно недозволиво. Обвини дека со нападот на Перев се крши Преговарачката рамка од 2022 година, но и Европската повелба за фундаментални права и меѓународни стандарди.

„Кога европските институции замижуваат пред насилството врз бугарската заедница во Македонија, ова не е ‘дипломатија’, туку бегство од одговорност. Затоа, ве повикувам да го направите она што ве обврзуваат законот, моралот и вашите сопствени документи – отворено да признаете дека се вршат систематски прекршувања против бугарската заедница во С Македонија, секој понатамошен напредок во преговорите да го поврзете со реални, демонстративни резултати според Поглавје 23, да го прекинете формалниот ‘напредок’ и театарот на известување што го прикрива недостатокот на реформи, да испратете јасна порака дека Европа нема да толерира насилство, омраза и дискриминација“, додава Џамбаски во писмото испратено до европратениците и Европската комисија.

Претходно вчера, поранешниот новинар и публицист Владимир Перев (80), деклариран Бугарин од земјава, објави дека бил вербално и физички нападнат во маркет во Скопје.

Владо Перев физички нападнат во Скопје