Почна расчистувањето на брегот на велешко езеро Младост – следува и ревитализација

Согласно планот за спас и ревитализација на велешкото езеро Младост почна расчистувањето на брегот на езерото од другата страна од кај Отовичка плажа, од каде механички со булдожер се собираат наслагите од сува трска и скапани дрвја покрај брегот и од крајбрежјето на езерото, како и од купишта од земја покрај самото езеро.

Согласно планот за спас и ревитализација на велешкото езеро Младост почна расчистувањето на брегот на езерото од другата страна од кај Отовичка плажа, од каде механички со булдожер се собираат наслагите од сува трска и скапани дрвја покрај брегот и од крајбрежјето на езерото, како и од купишта од земја покрај самото езеро.

-Работите ги изведува Јавното претпријатие за водостопанство „Лисиче“ кое со поддршка од Општина Велес, од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство доби едно возило багер од АД „Водостопанство“, врз основа на потпишан меморандум. Во рамките на ревитализацијата ЈПВ „Лисиче“ најави распишување јавен повик за хидробиолошки истраги со цел ископ на две бушотини за два бунари за свежа вода со која првично езерото Младост ќе се снабдува со свежа вода, што ќе значи и дотур на кислород за спас на езерото. Воедно во фаза на проектирање е и темелниот испуст на браната кој се изготвува и ЈПВ „Лисиче “ наскоро ќе пристапи кон изведување на работите, информира денеска за МИА Ванчо Маневски, директор на ЈПВ „Лисиче“

Инаку сите овие проекти за ревитализација на велешкото езеро Младост се реализираат со финансиска поддршка од Владата која пред неколку месеци издвои 10 милиони денари.

Од овие 10 милиони денари од Владата, како што информира Маневски, 1 милион денари ќе се искористат за техничко чистење на езерото, не за машината која им е позајмена од АД „Водостопанство“, туку за транспортот на отпадот од крајбрежјето на езерото Младост до Градската Депонија на ЈП „Дервен“. Воедно 5 милиони денари ќе се издвојат за изведба на бушотините, а во што влегуваат и хидролошките истраги, основен проект и ревизија на основен проект и план за животна средина и самата изведба, а 4 милиони денари ќе се искористат за проектирање и санација на темелниот испуст на браната на езеро Младост, што служи за промена на водата.

Маневски потсети дека од 1963 година, кога е изградено велешко езеро Младост, речиси и ништо да не е направено за негова ревитализација освен поставување на два дополнителни вентила на браната на езерото. Воедно вети дека иако работата за спас на велешко езеро Младост е тешка, тие ќе направат се со поддршка од Општина Велес и Владата и ќе го ревитализираат езерото Младост.

-Ги спремаме бушотините и веќе видовте дека за само два дена е расчистен дел од крајбрежјето на езерото кај Отовичка плажа, кое добива нов лик. Потоа целото крајбрежје на целото езеро ќе се постеле со песок. Досега од наша страна како ЈПВ „Лисиче“ односно од нашиот стручен тим е потрошено многу време во техника и административни работи, но, сега започнавме со реализација на предвидените работите на терен и ќе ги изведеме до крај, најави Маневски.

Иако не сакаше да информира за рокови, Маневски најави дека планираат за месец дена да се расчисти крајбрежјето на велешко езеро „Младост“ од кај Отовичка страна и воедно целосно таа страна на езерото, а потоа и од другата, спротивна, страна на езерото што води покрај плажите и мотелите.

Воедно информира дека Рудничка и Отовичка река од кои се снабдува езерото Младост со вода моментално имаат сосема минимален проток на вода. Тој потенцира дека затоа привремен спас на езерото е што побрзо да се изведат двете бушотини за снабдување со вода на две локациии покрај езерото Младост.

-Се надевам дека декември – јануари идната година ќе имаме изведено дел од бушотините за вода покрај езерото, а се додека не наидеме на некој законски рок на одредена постапка. Работите сепак не зависат само од нас и ние не ќе можеме да ги изведуваме работите на терен, ако нешто треба да изработиме технички. Сепак изведувањето на бушотините за вода е наука која треба да ја почитуваме за да имаме конечен резултат така како што треба, појасни Маневски.

Инаку како трајно решение за спас на велешко езеро Младост се посочува доградбата на цевководот од езерото „Лисиче “ од кај Раштански приклучок до велешко езеро Младост со што ќе се поврзат двете езера.

– Веќе 2,1 километар е направен цевковод во 2012, 2013, 2014 година до кај Раштанскиот приклучок на цевководот, а сега треба да се надоврземе со него, со уште 6,3 километри до велешко езеро Младос“. Тоа е трајно решавање за дотур на свежа вода за велешко езеро Младост, за идните генерации, потенцира Маневски.

Информира дека за довршување на овој капитален проект, ЈПВ „Лисиче“ и Општина Велес се во интензивни преговори со Владата.

Тој информира дека веќе има изработено проект и платена експропријација, а утврдена е и трасата на поминување на цевководот. Проектот бил направен во периодот 2008 до 2011 година и сега му е потребна ревизија на целиот проект и негови исправки спрема сегашната состојба на терен, за потоа истиот и да може приктично да се доврши, што ќе значи и иднина за велешко езеро Младост.