
Коцевски: Предметите за легализациите во Чаир ќе се спојат
Предметите поврзани со спорните легализации во Општина Чаир се водат во Основното јавно обвинителство – Скопје и ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК) и најверојатно ќе бидат споени поради што меѓусебно се поврзани, изјави синоќа републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Предметите поврзани со спорните легализации во Општина Чаир се водат во Основното јавно обвинителство – Скопје и ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК) и најверојатно ќе бидат споени поради што меѓусебно се поврзани, изјави синоќа републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 тој појасни дека едниот предмет е отворен по допрен глас, додека пак, другиот по пријава на поранешната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска. Обвинителството располага со доволно докази, рече Коцевски нагласувајќи дека дополнително ќе се утврди кое обвинителство ќе биде надлежно по спојувањето на предметите.
Во интервјуто, Коцевски соопшти и дека истрагата во која е осомничен поранешниот прв вицепремиер Артан Груби е „речиси завршена“, а се чека единствено на негова екстрадиција. Сите докази се прибрани, вклучително и оние од финансиската истрага, но обвинителството нема информација за неговата моментална локација.
Осврнувајќи се на извештајот на Европската комисија, во кој се посочува дека корупцијата во земјата „останува распространета и сериозна загриженост“, Коцевски истакна дека за поефикасна борба со високата корупција потребни се повеќе истражители, форензичари и истражни центри.
На критиките од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за наводно селективно постапување, државниот јавен обвинител одговори дека такво нешто нема и дека доказ за тоа се предметите што ги работеле по кривични пријави поднесени од МВР. Според него, обвинителството има постапувано по над 20 000 пријави во услови на недостиг од кадар.
Во однос на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека не е задоволен од неговата работа, Коцевски наведе дека извештајот на Европската комисија го нотира неговото упатство за приоретизирање на случаите од висока корупција, но не бара негова смена. Тој вели дека најавите за негово разрешување се политички мотивирани и дека резултатите најдобро зборуваат за работата на институцијата.
Вели дека законски предвидените средства за Јавното обвинителство изнесуваат 0,4 отсто од државниот буџет, а не од бруто-домашниот производ, како што тврди премиерот Христијан Мицкоски.
– Во моментов, во јавноста се пласираат две тези. Едната е дека согласно сегашниот закон, а и законот што треба да се донесе, Законот за јавно обвинителство, предвидува 0,4% од буџетот да се издвојува за Јавното обвинителство. Меѓутоа, она што премиерот го кажува, тој зборува за бруто-домашен производ. Значи, тоа не е исто. Дополнително, од тие 0,4% од буџетот, ни се издвојуваат само 0,2 отсто. Тоа не е само оваа година, односно наредната и минатата, туку откако е донесен законот. Значи, никогаш досега од страна на државата не ни се издвојувало толку колку што предвидува законот, вели Коцевски.
На прашањето дали негово заминување би довело до поголем буџет за Јавното обвинителство, Коцевски одговара дека тоа не е логично.
– Не верувам дека јас сум единствената пречка за буџетот да се зголеми. Не гледам некоја поврзаност на мое заминување со буџетот, затоа што тоа се пари коишто треба да се дадат на Јавното обвинителство“, истакнува Коцевски.