
„Парни ваљак“ со прв студиски албум без Аки Рахимовски
Иако ова е првиот албум создаден во новото поглавје на бендот, присуството на Аки Рахимовски се провлекува низ секој чекор од процесот. Премалку време помина за Аки да исчезне од нашите мисли… – вели Хус, прв човек на бендот.
Иако ова е првиот албум создаден во новото поглавје на бендот, присуството на Аки Рахимовски се провлекува низ секој чекор од процесот. Премалку време помина за Аки да исчезне од нашите мисли… – вели Хус, прв човек на бендот.
Во периодот кога го одбележуваат јубилејот од 50 години активност, „Парни ваљак“ – еден од најдолговечните бендови на овие простори – го објавува својот нов студиски албум со наслов „Велат пчелите умираат…“ („Kažu pčele umiru…“)
Изданието е достапно на дигиталните платформи, а од 25 ноември може да се набави и на CD и винил, во издание на Croatia Records.

Новиот албум за „Парни ваљак“ претставува и прво студиско издание во новото поглавје со пејачот Игор Дрвенкар, без Аки Рахимовски како фронтмен.
Преку песните и звукот јасно се чувствува дека станува збор за проект што го спојува искуството, новото заедништво и препознатливиот авторски ракопис на бендот кој со својата музика обележа генерации. Насловот на албумот е преземен од претходно објавениот сингл „Ќе пуштам глас“, што Хусеин Хасанефедиќ–Хус, автор на сите песни, го опишува како свој одговор на времето во кое живееме: „Понекогаш ми се чини дека не се сфаќа доволно сериозно сè што се случува, и локално и глобално, и тоа е мој коментар за периодот во кој живееме. Меѓутоа, не е целиот албум обоен со таа тематика, секако.“
Создавањето на новите песни било интуитивно, а Хус и овој пат останал верен на својот процес: на зборови што надоаѓаат како „тек на свеста“, мелодии што се појавуваат пред воопшто да се обидеш да ги објасниш, и онаа недофатлива енергија која, како што вели, се раѓа дури кога песната ќе помине низ консензусот и хемијата на бендот.
Токму од тој процес произлезе речиси целото издание – 12 нови песни, напишани во последните три години, во момент кога бендот се насочуваше кон своето ново поглавје. Сите песни ги потпишува Хус, меѓу кои и забележаните синглови „Мојата глава, моите правила“, „Сега кога знаеш“ и „Богатите ќе побегнат на Марс“ („Moja glava, moja pravila“, „Sad kad znaš“ и „Bogati će pobjeći na Mars“,), додека за „Откако не те гледам често“ („Otkad te ne viđam često“) музиката ја потпишува Маријан Бркиќ – Брк, кој е заслужен и за снимањето, миксот и продукцијата. Визуелниот идентитет на албумот го креираа Игор Јурилј и Томислав Враниќ.

Иако ова е првиот албум создаден во новото поглавје на бендот, присуството на Аки Рахимовски се провлекува низ секој чекор од процесот, за што Хус отворено зборува: „Во процесот на создавање на албумот, Аки многу ми беше во мислите, и кога ќе се допрев до тие песни што требаше тој да ги пее или за кои постојат демо-снимки со него, влегував во едно многу непријатно состојба што ми беше тешка.“
Како што открива понатаму, токму поради тоа се оддалечил од тие песни, бидејќи не сакал албумот да биде оптоварен со таа негова емотивна состојба, при што искрено додава: „Но сигурно во сите песни има по некоја реченица што е наменета за него или има некаква врска со него.“
И покрај минувањето на времето, Аки и денес е дел од секој нивни собир – и на сцена и надвор од неа. „Премалку време помина за Аки да исчезне од нашите мисли… нема проба или концерт, а некој да не се сети на некоја негова шега или фора“, вели Хус, опишувајќи го како пријател и брат со кој споделил 46 години од животот: „Засекогаш ќе ми недостига тој пријателски момент што го имавме – тажен сум, затоа што го нема како човек, како пријател со кој толку години бев брат по многу нешта. Невозможно е да исчезне, особено не таква персона каква што беше тој.“
Осврнувајќи се на новото поглавје, бендот истакнува дека доаѓањето на Игор Дрвенкар им донело нова вибрација: „Игор е фантастичен тип и огромна е среќата што некако долута до нас…“, откриваат без задршка, додавајќи:
„Со неговото доаѓање тргнавме во новото поглавје во кое сме последниве две години. Ни донесе страшно добра енергија и вибрација, и заедно со него тргнавме во насоката од која произлезе и новиот албум. Неговиот глас и енергија станаа дел од сегашниот идентитет на Ваљак, а новиот албум е првата целосна рефлексија на тоа.“
Албумот „Велат пчелите умираат…“ е дел од тоа ново поглавје на еден од најдолговечните бендови на овие простори, но и пошироко, и претставува документ на неочекувана фаза и промена. „Најдобро што можам да кажам за албумот е дека би ми било драго луѓето да го слушнат, па сами да донесат заклучоци што всушност направивме“, заклучува Хус.
Основан во 1975 година во Загреб, „Парни ваљак“ со децении е синоним за извонреден рок, енергични настапи и песни што обележале генерации, а стиховите на безвременските хитови како „Страница дневника“, „Јесен у мени“, „Угаси ме“, „Заставе“… засекогаш се впишани во музичката антологија на регионот.