
Скопје е најголем загадувач на Вардар, затоа треба да се доврши колекторскиот систем и пречистителната станица
Само преку активна и посветена вклученост на сите засегнати страни ќе го заштитиме од загадување и нерационално користење сливот на реката Вардар и ќе изградиме одржлив и ефикасен систем за управување со сите подземни и површински води во државата, е главната порака од настанот „Денови на Вардар 2025“.
Само преку активна и посветена вклученост на сите засегнати страни ќе го заштитиме од загадување и нерационално користење сливот на реката Вардар и ќе изградиме одржлив и ефикасен систем за управување со сите подземни и површински води во државата, е главната порака од настанот „Денови на Вардар 2025“.
Преку дискусии, работилници и тренинзи, првиот настан „Денови на Вардар“ е посветен на заштита и одржливо управување со сливот на реката Вардар, кој опфаќа околу 80 отсто од сите водни тела и со тоа е најзначен воден ресурс во државата.
Оваа активност е дел од Програмата за управување, користење и заштита на води, која е поддржана од Владата на Швајцарија, а се спроведува во партнерство и со учество на Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„Првпат воспоставуваме модел каде политиката, експертизата и институциите се усогласени околу една цел – стабилен и одржлив систем на управување со водите. Нашата политичка волја е јасна: да го подигнеме секторот на ниво кое одговара на европските стандарди и на очекувањата на граѓаните. До 2027 година, кога завршува првата фаза од програмата, ќе имаме поставено основа за идни структурни резултати и систем што генерира мерливи промени“, порача Ане Лашкоска, заменик-министерка за животна средина и просторно планирање.
„Програмата има особено значење бидејќи до 2027 година треба да воспостави информативен систем за води и план за управување со сливот на реката Вардар. Политиките засновани на податоци ќе нѝ помогнат подобро да го планираме развојот на земјоделството, шумарството и водостопанството. Со силни водостопански системи за наводнување во земјоделството, заштита на приносите од сите климатски промени и одржливо управување со земјоделските и шумските капацитети, инвестираме во потенцијалот на руралната средина“, рече Албрим Хоџа, заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Програмата за води се фокусира на три главни цели – зајакнување на капацитетите на надлежните институции за интегрирано и одржливо управување со водните ресурси, развивање соодветна законска и регулаторна рамка за води и подобро планирање и управување со сливот на Вардар.
Амбасадорот на Швајцарија во Северна Македонија, Кристоф Зомер, истакна дека оваа програма е продолжување на дваесетгодишната швајцарска поддршка во подобрување на пристапот до вода за пиење, изградба на капацитети за третман на отпадни води и заштита на животната средина.
„Во рамки на Програмата за води, преку партнерство со институции, експерти и заедниците, работиме на препознавање и заштита на овој клучен ресурс за домаќинствата, земјоделството и индустријата во сливот на Вардар. Имајќи предвид дека овој слив опфаќа околу 80 отсто од
водните тела во државата, интегрираното планирање за управување со речен слив, регулаторната реформа и пилот-проектите со земјоделците и општините, ќе ја пренесат политиката во пракса и ќе го поплочат патот за имплементација на Планот за управување со речен слив во земјата“, изјави Зомер.
Од Делегацијата на Европската Унија порачаа дека развивањето План за управување со сливот на Вардар ќе биде најзначаен чекор за имплементација на Рамковната директива за води.
„Скопје е најголем загадувач на Вардар, и токму затоа со завршување на изградбата на колекторот и станицата за третман на отпадни води, активност кофинансирана од ЕУ, значително ќе се придонесе кон тоа реката да биде почиста. Очекуваме итен ангажман од националните власти овој систем да се стави во функција со што ќе се намали загадувањето на водите“, истакна Штефан Худолин, раководител на секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ.
Како дел од процесот на подготовка за креирање на Планот за управување со сливот на Вардар, Програмата за управување, користење и заштита на води и Европската Унија, донираа нова модерна опрема во лабораторијата на Управата за хидрометеоролошки работи. Дополнително, преку Програмата за води се обезбедија и две нови возила, со цел да се олесни теренската работи при земање примероци вода.
Во рамки на „Денови на Вардар 2025“, минатата недела се одржа дводневна работилница, на која учествуваа домашни и странски експерти, претставници на клучните надлежни институции и граѓански организации. Утре, на последниот ден од настанот, на Градежниот факултет во Скопје, ќе се презентира Првичниот извештај за значајни прашања во справувањето со водите на сливот на Вардар и ќе се одржи Саем на кариера.