Двајцата инспектори од УЈП остануваат во куќен притвор – судот во Кочани го одби барањето за построги мерки
Станува збор за двајцата даночни контролори од Службата за даночна контрола при Регионалниот даночен инспекторат од дирекцијата во Штип, кои се товарат за примање поткуп, односно дека на одговорните во „Пулс“ им ги дојавувале инспекциските контроли, а за возврат добивале подароци.
Кривичниот совет на Основниот суд во Кочани ја одби жалбата на локалното Основно јавно обвинителство и го потврди куќниот притвор за двајцата осомничени што беа уапсени кон крајот на минатата недела во акција поврзана со трагедијата во т.н. кабаре „Пулс“.
За потсетување, кочанското Основно јавно обвинителство во четвртокот отвори истрага против 11 лица, меѓу кои и двајца даночни контролори од Службата за даночна контрола при Регионалниот даночен инспекторат од дирекцијата во Штип, кои се товарат за примање поткуп, односно дека на одговорните во „Пулс“ им ги дојавувале инспекциските контроли, а за возврат добивале подароци.
За нив Обвинителството бараше мерка затворски притвор, но судија на претходна постапка во кочанскиот суд одлучи да им одреди куќен притвор. Од ОЈО Кочани во петокот соопштија дека го примиле решението на Судот и дека ќе ја обжалат одлуката.
Според соопштението на кочанскиот суд, објавено на неговата веб-страница денеска, Советот одлучил да ги одбие жалбите на Обвинителството и да ја потврди одлуката на судијата на претходна постапка.
„Советот од член 25 став 5 од Законот за кривична постапка (ЗКП), при Основниот суд Кочани постапувајќи по изјавените жалби од страна на ОЈО Кочани против решенијата на Судија на претходна постапка со кои на двајца осомничени им беше определена мерка за обезбедување присуство – куќен притвор, ги одбил изјавените жалби на ОЈО Кочани против истите и ги потврдил донесените решенија на судијата на претходна постапка“, се наведува во соопштението на Основниот суд Кочани.
Инаку, на шестмина од осомничените, на барање на ОЈО Кочани, им се определени мерки на претпазливост, а на еден осомничен кочанскиот суд му одреди дополнителна мерка на претпазливост.
Како што соопштија од Обвинителството во четвртокот, шестмина од осомничените, инаку, даночни инспектори и управници од регионалните дирекции на УЈП во Штип и во Струмица, им овозможувале на правните субјекти “ММММ кафе” и “Пулс” да ги избегнуваат даночните контроли и да работат без соодветна фискализација, со што се осомничени дека сториле злоупотреба на службената положба и овластување согласно членот 353 од Кривичниот законик.
Меѓу осомничените се и сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов-Деко, и неговиот син Михајло Јованов, како одговорно лице, кои веќе се опфатени во првиот предмет за пожарот во т.н. кабаре, за кој во средата, заедно со уште 33 физички и три правни лица седнаа на обвинителна клупа на првото рочиште од судскиот процес за кочанската трагедија.
Михајло Јованов е осомничен за давање поткуп според членот 358 од Кривичниот законик, додека неговиот татко се товари за фалсификување исправа според членот 378 од Кривичниот закон бидејќи, според Обвинителството, подолг временски период свесно и со умисла за време на контролите од УЈП приложувал преправени фискални апарати со фискални извештаи со невистинити податоци.
Истражувачката репортерска лабораторија во септември објави документарен филм со наслов „Нашиот морален компромис“, во чии 22 минути и 30 секунди се објавени нови снимки и сведоштва на родители на загинати млади и лица кои биле во објектот кобната вечер.
Во сторијата ИРЛ објави и текстуални разговори преку апликации за комуникација меѓу сопствениците на т.н. кабаре и инспектори од Управата за јавни приходи (УЈП) и Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).
Според ИРЛ, комуникацијата што ја добиле од свиркач покажува дека дел од инспекторите ги информираат сопствениците на објектот кога ќе има контроли во него, а може да се види и комуникација која имплицира дека се разговара за часовник како подарок за еден од државните службеници. Текстуалните пораки што ги објави ИРЛ, исто така, наведуваат дека инспекторите од МВР со кои комуницирале сопствениците на „Пулс“ барале привилегии, меѓу кои и да имаат резервирани маси во т.н. кабаре.
Инаку, утре во големата судница во рамките на Казнено-поправната установа „Идризово“ треба да продолжи судскиот процес за пожарот во „Пулс“ во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
По воведниот говор на Обвинителството на почетокот на судењето, процесот треба да продолжи со изјаснување на обвинетите дали се чувствуваат виновни или не за делото што им става на товар, како и со воведни зборови на нивната одбрана.