
Пробив во Женева: САД и Украина се договорија за изменет нацрт на мировниот план, Рубио оптимист
„Конечните одлуки во однос на оваа рамка ќе бидат донесени од претседателите на Украина и на Соединетите Држави“, се додава во изјавата. Разговорите во Женева беа опишани како „конструктивни, фокусирани и со почит“, покажувајќи „значаен напредок кон усогласување на позициите и идентификување на јасни следни чекори“.
Соединетите Американски Држави и Украина изготвија „ажурирана и подобрена“ мировна рамка за ставање крај на војната во Украина, по вчерашните разговори одржани во Женева, се вели во заедничка изјава од Киев и Вашингтон.
Двете страни се согласија да продолжат со интензивна работа на заедничкиот предлог во наредните денови и да останат во блиска координација со европските партнери, се наведува во заедничката изјава, пренесува ДПА.
„Конечните одлуки во однос на оваа рамка ќе бидат донесени од претседателите на Украина и на Соединетите Држави“, се додава во изјавата.
Разговорите во Женева беа опишани како „конструктивни, фокусирани и со почит“, покажувајќи „значаен напредок кон усогласување на позициите и идентификување на јасни следни чекори“.
„Двете страни се согласија дека консултациите беа високо продуктивни“, се вели во изјавата.
Преговарачите повторија дека секој иден договор мора да го поддржи суверенитетот на Украина и да обезбеди траен и праведен мир. „Како резултат на разговорите, страните изработија ажурирана и подобрена мировна рамка“, изјавија тие.
Украина, исто така, изрази благодарност за поддршката од САД. Двете страни наведоа дека ќе продолжат да работат заедно за да постигнат мир кој ќе гарантира „безбедност, стабилност и реконструкција“ на Украина.
Во одделно соопштение од САД се посочува дека украинската делегација потврдила дека сите нејзини главни грижи – безбедносните гаранции, долгорочниот економски развој, заштитата на инфраструктурата, слободата на навигација и политичкиот суверенитет – биле темелно разгледани за време на состанокот.
Во него се додава и дека украинските претставници изјавиле дека ревидираниот нацрт ги одразува нивните национални интереси и обезбедува „веродостојни и спроведливи механизми за заштита на безбедноста на Украина и на краток и на долг рок“.
Киев засега нема непосреден коментар.
Рубио е оптимист за ревидираниот мировен план
Американскиот државен секретар, Марко Рубио, претходно вчера изјави дека е постигнат „суштински“ напредок за време на разговорите со украинските претставници во Женева за мировниот план од 28 точки на Вашингтон, кој наиде на отпор од Киев и неговите европски сојузници.
Тој истакна дека преостанатите прашања не се „несовладливи“ и рече дека прашањата што директно ги засегаат Европа и НАТО ќе бидат разгледани одделно, со придонес од сојузничките нации.
– Искрено верувам дека ќе стигнеме до целта, додаде секретарот.
Рубио, исто така, го ублажи претходно предложениот краен рок за прифаќање од страна на Украина, истакнувајќи дека иако заклучок до четврток би бил идеален, сепак „дали ќе биде четврток, дали ќе биде петок, дали ќе биде среда, дали ќе биде понеделник следната недела, сакаме да биде наскоро“, рече тој.
Рубио во Женева се сретна со специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, зетот на Трамп, Џаред Кушнер, и Даниел Дрискол, висок функционер на Пентагон, за разговори со украинската делегација.
Украинскиот преговарач Андриј Јермак го нарече состанокот „многу продуктивен“, додавајќи дека разговорите се движат кон праведен и траен мир. Конечните одлуки, рече Јермак, ќе ги донесат претседателите на Соединетите Држави и на Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги пофали обновените дипломатски напори во вечерното видео обраќање, изразувајќи надеж дека разговорите ќе доведат до вистински чекори за ставање крај на конфликтот.
Разговорите во Швајцарија, во кои учествуваа и претставници од Франција, Велика Британија, Германија и ЕУ, беа набрзина организирани за да се натера САД да го преиспитаат својот последен предлог за завршување на конфликтот што се појави претходно оваа недела.
Европските сојузници на Украина го отфрлија планот во неговата првична форма, кој во голема мера ја фаворизира Русија. Документот од 28 точки ќе бараше од Киев да ѝ отстапи големи делови од територијата на Русија и да ја ограничи големината на својата војска, меѓу другите мерки.