Уапсен е Aца Лукас во Кавадарци, настапувал без потребна дозвола

Информациите се дека причината за тоа бил најпрво локалот, кој е регистриран како кафетерија, и воопшто немал дозвола за ваков вид настани.

Вчеравечер српскиот пејач Аца Лукас настапи во локалот „Рома“ во Кавадарци, каде што среде настапот е уапсен.

Информациите се дека причината за тоа бил најпрво локалот, кој е регистриран како кафетерија, и воопшто немал дозвола за ваков вид настани.

Уште полошо е што максималниот капацитет на гости е 200, а во моментот во локалот имало 500 гости.

Инспекторите на УЈП, ДПИ , Инспекторатот за работа на странци и МВР утврдиле повеќе пропусти.

„На 22 ноември 2025 година, во 00:10 часот, полициски службеници од ОВР Кавадарци го приведоа А.В.(57) од Република Србија. При спроведување на акциска контрола во угостителски објекти на подрачјето на Кавадарци, полициските службеници од ОВР Кавадарци, одделот за криминалистички работи при ЦВР Велес, инспекторот за странци од Регионалниот центар за гранични работи „Југ“ заедно со државниот пазарен инспекторат, трудовата инспекција и од страна на Управата за јавни приходи, при инспекцијата на ресторанот во Кавадарци каде што настапувал, утврдено е дека тој настапувал без потребната дозвола. За прекршокот што е сторен против него, до Основниот суд Кавадарци е поднесено барање за поведување прекршочна постапка, казниво по член 217 став 1 точка 2 од Законот за странци. Полицијата го приведе во Основниот суд Кавадарци по скратена постапка, каде што му е изречена парична казна“ – се вели во соопштението на МВР.

Неофицијално, во локалот се продавале ваучери за 18.000 денари, без фискални сметки, а вчеравечер требало да се промовира новата криптовалута „Лукаскоин“.

Меѓу информациите кои се појавија е и таа дека локалот „Рома“ немал дозвола од општината за организирање на настапот на Аца Лукас.