Европа ги поздрави напорите на САД за ставање крај на војната во Украина, но бара улога во разговорите

Лидерите на Германија, Франција и Британија ги поздравија напорите на САД за ставање крај на војната во Украина, но нагласија дека секој договор што ја засега Европа мора да ги вклучи нејзините партнери, нагласувајќи ги острите несогласувања со мировниот план на Вашингтон од 28 точки, пренесе ДПА.

идерите на Германија, Франција и Британија ги поздравија напорите на САД за ставање крај на војната во Украина, но нагласија дека секој договор што ја засега Европа мора да ги вклучи нејзините партнери, нагласувајќи ги острите несогласувања со мировниот план на Вашингтон од 28 точки, пренесе ДПА.

Во денешниот разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски, британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц го поздравија настојувањето на администрацијата на Трамп да посредува за ставање крај на конфликтот, изјави портпарол на германската влада.

Во исто време, тројцата лидери подвлекоа дека „секој договор што ги засега европските држави, Европската Унија или НАТО бара одобрение од европските партнери или консензус меѓу сојузниците“, се вели во писмената изјава објавена по разговорот.

Четворицата лидери ветија дека ќе продолжат да ја следат целта за долгорочно зачувување на „виталните европски и украински интереси“, вклучувајќи го барањето за прекин на огнот по тековните линии на фронтот како предуслов за мировни преговори.

Во меѓувреме, украинските вооружени сили мора да останат способни ефикасно да го бранат суверенитетот на земјата, додадоа тие.

Овој став е во спротивност со условите наведени во американскиот план од 28 точки, кој беше објавен претходно неделава.

Нацртот, за кој Русија рече дека не била консултирана, вклучува многу од барањата на Москва, вклучувајќи територијални отстапки и забрана за Украина да влезе во НАТО. Планот повикува Украина да ги повлече своите трупи од деловите на спорните региони Луганск и Доњецк што моментално ги контролира.

Украина, која постојано ги отфрла територијалните отстапки, и нејзините европски сојузници, од друга страна, долго време инсистираат на прекин на огнот по тековните линии на фронтот како предуслов за конечен мировен договор – предлог што Москва го отфрла.

Зеленски на социјалните мрежи информира за разговорот со Макрон, Стармер и Мерц при што им се заблагодари за нивната „принципиелна поддршка за Украина и за целиот украински народ“.

– Разговаравме за планот за мир за Украина и цела Европа. Ги цениме напорите на САД, претседателот Трамп и неговиот тим, насочени кон ставање крај на оваа војна. Работиме на документот подготвен од американската страна. Ова мора да биде план што обезбедува вистински и достоинствен мир, информира Зеленски.

– Тесно се координираме за да се осигураме дека принципиелните ставови се земени предвид. Ги координиравме следните чекори и се договоривме нашите тимови да работат заедно на соодветни нивоа, додаде тој.