Бројот на жртви во рускиот напад врз украинскиот град Тернопил се зголеми на 31

Спасувачите од урнатините на станбена зграда, што беше погодена во средата, ги извлекле телата на мајка и нејзините две мали деца, пренесе ДПА.

Бројот на жртви од рускиот напад со ракети и беспилотни летала врз западниот украински град Тернопил од оваа недела се зголеми на 31, јави денеска украинскиот јавен радиодифузер „Суспилне“, повикувајќи се на извештаи на полицијата.

Спасувачите од урнатините на станбена зграда, што беше погодена во средата, ги извлекле телата на мајка и нејзините две мали деца, пренесе ДПА.

Властите наведуваат дека 16 лица се уште се водат за исчезнати во две уништени станбени згради, за кои Киев вели дека биле погодени од крстосувачка ракета Кх-101 лансирана од стратешки бомбардер над руска територија.

Во овој напад беа повредени повеќе од 90 други лица , што го прави еден од најлошите што се регистрирани во западна Украина откако Русија ја започна својата војна во февруари 2022 година, потсетува германската агенција.

Руските сили, исто така, во нападот во средата ја гаѓаа и енергетската инфраструктура, дополнително оптоварувајќи ја веќе кревката електрична мрежа. Националниот оператор на електричната мрежа, „Укренерго“, наметна прекини на електричната енергија од 10 до 16 часа низ целата земја, додека некои домаќинства во Киев сега имаат пристап до електрична енергија само шест часа на ден, потсетува ДПА.