
Уставен суд не го чепка зголемувањето на пензиите за 5.000 денари, ќе ја цени уставноста на постојното за 1.000 денари
Иницијативата за зголемувањето на пензиите за 5.000 денари (по 2.500 денари во септември лани и 2.500 денари во март) е отфрлена бидејќи била од темпорален карактер и повеќе не е дел од правниот промет.
Линеарното зголемување на пензиите за 5.000 денари, што го добија пензионерите во септември лани (2.500 денари) и во март годинава (уште 2.500 денари) нема да оди на проверка од страна на Уставниот суд, туку уставноста ќе се оценува само на најновото зголемување за 1.000 денари во септември годинава и најавеното за исто толку во март идната година. Ова произлегува од денешното соопштение на Уставен суд во кое се вели дека е поведена постапка за член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, објавен на 29.07.2025 година во „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.154/25, додека е отфрлена иницијативата поднесена од страна на Тито Беличанец, Јадранка Мршиќ и Сузана Московска со образложение дека оспорените одредби (член 3 и член 18 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување објавен на 18 септември 2024 година) „се од темпорален карактер и повеќе не се дел од правниот промет“.
Во член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, објавен на 29.07.2025 година во „Службен весник“ бр.154/25 се вели дека одредбите од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (што се однесуваат на процентуалното усогласување на пензиите врз основа на порастот на просечната плата и трошоците за живот) „не се применуваат во периодот од 1 септември 2025 година до 31 март 2026 година“.
Во вториот став, пак се вели дека „Сите видови на пензии, кои се исплаќаат во Република Северна Македонија, на 1 септември 2025 година и на 1 март 2026 година се усогласуваат на начин што вкупниот месечен износ добиен од процентот за зголемување на пензиите пресметан како збир од 50% на порастот на индексот на трошоците на живот и 50% на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Северна Македонија во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходи, објавени од Државниот завод за статистика, се дели со вкупниот број на корисници на пензија кои правото на пензија го оствариле заклучно со 31 август 2025 година, односно 28 февруари 2026 година“.
Станува збор всушност на последното линеарно зголемување на пензиите од 1.000 денари во септември, како и најавеното за уште толку во март идната година.
Во членот 18, пак, од законските измени минатата година (Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување објавен на 18 септември 2024 година) за кој иницијативата е отфрлена, се вели дека одредбите од член 37 (за процентуално усогласување, заб.) од овој закон не се применуваат во период од 1 септември 2024 година до 31 август 2025 година, како и дека на 1 септември 2024 година, сите видови на пензии остварени согласно овој закон заклучно со 31 август 2024 година, се зголемуваат за 2.500 денари, а на 1 март 2025 година, сите видови на пензии остварени согласно со овој закон заклучно со 28 февруари 2025 година, се зголемуваат за 2.500 денари. Заради примена на ставот (2) и (3) на овој член, пензијата остварена во тековната година претходно се сведува во месечен износ според порастот на нето платите од декември претходната година во однос на просечната нето плата истата година.
Иако Уставниот суд нема да решава за она што е веќе поминато како линеарно зголемување на пензиите, туку само тековното, ваквата одлука беше дочекана на нож од владејачкото мнозинство, па така, амандманската расправа за Предлог-буџетот во собраниската Комисија за финансирање и буџет се претвори во дебата за зголемувањето на пензиите.
Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, во реплика на амандман поднесен од СДСМ, ја нарече судијката Добрила Кацарска „продолжената рака на СДСМ во Уставниот суд“.
„Сега кога некој им ја зголеми пензијата на пензионерите за седум илјади денари, Кацарска сама поднесува преставка и сака на пензионерите да им ги земе покачувањето на пензиите. ако тоа не е парадокс, не знам што е“, рече Стојановски, очигледно неинформиран дека иницијативата за зголемувањето за 5.000 денари е отфрлена.
Пратеничката Јованка Тренчевска од СДСМ реплицираше дека Кацарска е судија известител, а не подносител на иницијативата и оти сите судии ја прифатиле иницијативата. Таа оцени дека Стојановски ја манипулира јавноста. Според неа, власта не сака независно судство, туку сака контрола над судството.
Инаку, како што соопшти Уставен суд, уставноста на постојните законски измени, на предлог на судијата-известител Добрила Кацарска, Судот ќе ги прави по сопствена иницијатива.
Како што веќе објавивме, меѓу другото станува збор за одредба со која се зголемуваат пензиите (во јавноста познато како линеарно зголемување), односно со оспорениот член 2 правото на редовно усогласување на пензиите пресметките направени врз основ на порастот на плати и трошоци на живот се заменети со линеарна распределба на вкупниот износ на средства за сите пензионери подеднакво, без оглед на стекнатата и остварената висина на пензијата, стажот и уплатениот придонес.
Судот, како што се посочува во соопштението, го имал предвид фактот дека усогласувањето на пензиите е право на осигуреникот што му гарантира социјална сигурност во рамките на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со што се остварува и уставната гаранција за социјална сигурност на граѓаните.
Линеарното зголемување на пензиите не е единственото за кое што се бара да се оцени уставноста. Иницијатива за такво нешто има и за одредбата од законските измени со која македонски државјани на кои пензиите им се исплаќаат надвор од државата, практично се ускратени за усогласувањата на пензиите.
Според иницијаторите „со оспорените измени се врши дискриминација и трајно финансиско оштетување на осигурениците на Фондот на ПИОСМ“ кои се државјани на Република Северна Македонија и на кои пензиите им се исплаќаат надвор од државата, бидејќи нема да го добиваат редовното усогласување на пензиите во иднина, вклучително и усогласувањето на пензиите од март 2025 година.
На овој начин, како што се наведува, „државата го ускратува стекнатото право и своеволно без уставна надлежност Собранието ги донело измените кои прават дискриминација и категоризација на пензионери кои пензиите ги примаат во Македонија и пензионери кои живеат надвор од државата, без да се земе предвид фактот дека пензиите се стекнати врз основа на придонесите кои ги уплаќале во текот на работниот век, а не според географската локација каде што ги примаат пензиите“.
Според дискусиите на опозицијата во Собранието, за време на донесување на законските измени се „избришани 12.000 пензионери од второто зголемување на пензиите) (првото од 2.500 го добија во 2024 година).
Комисијата за заштита и спречување од дискриминација (КЗСД) се произнесе позитивно по ваквите претставки на оштетени пензионери и заклучи дека станува збор за дискримнација на 12 илјади граѓани. Министерството за социјална политика, демографија и млади, на Владата и на Собранието имаат рок од 180 дена да ги сменат членовите од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои предизвикуваат нееднаков третман на пензионерите кои не живеат во Македонија, а работеле тука и плаќале придонеси.
Пратеничката Јована Тренчевска, која е и поранешна министерка за труд и социјала, тогаш укажа дека Македонија има потпишано билатерални договори со повеќе држави, па можно е да следуваат реципрочни мерки од секоја од нив, па нашите државјани кои правото на пензија го оствариле во странство, а сега жиеват во татковината, исто така да бидат исклучени од зголемувањата на пензиите. (Независен)