Со огромно жалење и неверување известуваме дека нашиот актер Славиша Кајевски трагично го загуби својот живот, информираат од МНТ.
Кајевски е роден на 01 февруари 1982 г, во Скопје. Дипломира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Факултетот за драмски уметности, Скопје, на отсекот за актерска игра, во класата на проф. Владимир Милчин, во 2005 г. Од 2010 г. е актер во Македонски народен театар – Скопје.
„Не остави збунети, во болка и во неверување! Не остави во длабока тага! Остана да замислуваме што уште можеше да направиш во животот, на театарската сцена и пред камерите! Ти секогаш ќе бидеш дел од срцето на театарот и никогаш нема да бидеш дел од некое минато време, туку дел од нас, овде и сега. За оние кои те познаваат, остана празнина во душата и на сцената на МНТ поради твојата сеприсутност на сцената и како верен колега, пријател и човек. Останавме без твојата безрезервна љубов и поддршка, твојата емотивност и грижливост за сите колеги зад сцената“ се вели во информацијата од МНТ.