
Руската нафтена групација „Лукоил“, цел на американските санкции, ја повика Бугарија да не се меша во продажбата на своите средства во таа земја, чија влада ја презеде контролата врз работењето на групата.
Рафинеријата Бургас, во сопственост на „Лукоил“, е најголемата компанија во Бугарија, со приходи од 4,68 милијарди евра во 2024 година.
Софија се надева дека ќе ги избегне американските санкции со назначување менаџер за бугарската подружница на „Лукоил“, што Москва го осуди како „експропријација“.
„’Лукоил’ презема сите потребни чекори за финализирање на продажбата на рафинеријата, мрежата на бензински пумпи и другите средства во Бугарија на новиот сопственик и се надева дека активностите на надворешниот администратор (бугарската влада) нема да го попречат овој процес“, се вели во соопштението на компанијата.
Компанијата го задржува правото да преземе правни мерки за да ги заштити своите права и легитимни интереси, додаде „Лукоил“.
„Лукоил“ уживаше речиси монопол во Бугарија, со мрежа од магацини, бензински пумпи и гориво за бродови и авиони. Имотот во Бугарија ја вклучува рафинеријата „Нефтохим“, најголемата на Балканот, во градот Бургас на Црното Море, која ја поседува од 1999 година.
САД првично му дадоа на „Лукоил“ еден месец да ја продаде рафинеријата, предизвикувајќи загриженост кај бугарската влада, која се плаши дека тоа би можело да доведе до затворање на клучниот објект. Рокот потоа беше продолжен до 29 април 2026 година.
На крајот на октомври, САД ги додадоа двата најголеми руски производители на нафта – „Лукоил“ и „Роснефт“ – на списокот на санкции, а компаниите што соработуваат со нив се закануваат со секундарни санкции што би им го забраниле пристапот до американски банки, трговци, превозници и осигурители.
Одлуката на Софија да назначи менаџер за подружницата на „Лукоил“ во Бугарија предизвика критики, со тврдења дека претставува голем финансиски ризик ако рускиот сопственик ја оспори на суд. Бугарската опозиција се сомнева дека владата се подготвува да го префрли имотот на еден од нејзините блиски соработници, тврдење што владата го негираше.