САД ѝ доделија на Саудиска Арабија статус на главен сојузник надвор од НАТО

Фудбалската суперѕвезда Кристијано Роналдо, најбогатиот човек на светот Илон Маск и шефот на „Нвидиа“ – компанијата со најголема пазарна капитализација во светот, беа меѓу гостите на вечерата што претседателот на САД, Доналд Трамп, ја приреди во Белата куќа во чест на саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман.

САД ѝ доделија на Саудиска Арабија статус на главен сојузник надвор од НАТО, соопшти претседателот Доналд Трамп.

Трамп го објави ова на вечерата што ја приреди синоќа во Белата куќа во чест на саудискиот престолонаследник, кој беше во посета, Мохамед бин Салман.

– Ја издигнуваме нашата воена соработка на уште поголеми височини со тоа што официјално ја назначуваме Саудиска Арабија како главен сојузник надвор од НАТО, што е многу важна работа за нив, објави Трамп.

Тој ја нагласи стратешката важност на богатото кралство на Блискиот Исток, изразувајќи увереност дека со оружјето што ќе го купи од Вашингтон, Ријад ќе стане клучен фактор за обезбедување стабилност во тој невралгичен регион.

Инаку, на свечената вечера имаше многу славни личности. Фудбалската суперѕвезда Кристијано Роналдо, најбогатиот човек на светот Илон Маск и шефот на „Нвидиа“ – компанијата со најголема пазарна капитализација во светот, беа меѓу гостите на вечерата што претседателот на САД, Доналд Трамп, ја приреди во Белата куќа во чест на саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман.

Роналдо, кој во кариерата постигна над 950 гола, моментално игра за саудискиот клуб Ал Наср. Мнозински сопственик на тимот, со кој Португалецот има договор до 2027 година, е Саудискиот јавен инвестициски фонд.

Илон Маск се појави вторпат заедно со Трамп, откако двајцата сериозно се скараа претходно оваа година. Пред тоа, милијардерот ја финансираше предизборната кампања на републиканецот и беше близок негов соработник.

Присуството на сопственикот на компаниите  „Тесла“ и „Спејс Икс“ може да биде знак на помирување со претседателот, коментираат американските медиуми.

Извршниот директор на производителот на чипови „Нвидиа“, Џенсен Хуанг, исто така беше меѓу гостите.

Маск и Хуанг, исто така, ќе бидат меѓу учесниците на дискусијата за напредокот во областа на вештачката интелигенција, која ќе се одржи денеска на американско-саудискиот инвестициски форум во Вашингтон.

„Овој разговор ќе ги истражи новите сили кои го обликуваат следниот бран на технолошкиот напредок, нагласувајќи ги архитектурите, моделите и инвестициите кои ќе доведат до поинтелигентна и меѓусебно поврзана иднина“, се наведува во документот објавен од американски медиуми.