
Крај за евтините нарачки: Собранието изгласа ДДВ за пратките од „Тему“ и „Али Експрес“
Заменик – министерот за финансии Николче Јанкуловски кажа дека целта е да се заштитат нашите мали трговци. Рече дека ова ослободување веќе е укинато и во Србија и Црна Гора, а во Албанија е во процедура.
Пратениците ги изгласаа измените со кои ќе се плаќа 18% ДДВ за нарачките до 22 евра за онлајн продавници од странство како Тему, Шеин, Али Eкспрес. Овие нарачки до сега беа ослободени од давачки. За гласаа 59 пратеници, а 12 беа против. Ова практично ќе значи поскапување за нарачките до 22 евра кои до сега не се оданочуваа.
Заменик – министерот за финансии Николче Јанкуловски кажа дека целта е да се заштитат нашите мали трговци. Рече дека ова ослободување веќе е укинато и во Србија и Црна Гора, а во Албанија е во процедура.
„Основна причина заради која се врши оваа измена е создавање на појасна правна рамка, спречување на злоупотреби, пофер и порамноправна положба на малите бизниси во Република Македонија со тие во странство при плаќање на ДДВ. Исто би посочил од 1 јули 2021 година Европската унија со директива, исто го воведе, односно го укина ова ослободување“, изјави Јанкуловски.
Дел од пратениците со поддршка другите контра.
„Само минатата година над 1.000 тони ситни производи се влезени во Република Македонија кои што не се оданочени. Значи тој има нелојална конкуренција. Од та му сметам дека ваквото законско решение треба да биде поддржано и јас лично ќе го гласам ова законско решение бидејќи на овој начин ги ставаме барем ако не ништо друго во рамноправна положба македонските трговци“, изјави Малиша Станковиќ од СПМ.
„Сивата економија ви цвета, кога имате рамен данок на добивка од каде треба да се полни буџетот вие одлучувате на и онака огромниот процент на приход од ДДВ, ко што популарно се нарекува во левичарските кругови барем вие знаете како данок на сиромашни, да се полни дополнително од нив. Практично празниот буџет ние ќе го полниме од тоа што нашето граѓанство купува шноли, боички…“, рече Реџеп Исмаил од Левица.
Законот по поминувањето на собраниските филтри влегува на сила 8 денови по објавата во „Службен весник“.