Фабрикувани дипломи, а многу малку знаење – Пешев повикува да се оценува вистинскиот квалитет

На светот во годините што следуваат ќе му требаат многу повеќе луѓе кои имаат практични вештини, отколку луѓе кои завршиле универзитет, а Македонија во моментот фабрикува дипломи, но студентите излегуваат од факултетите со многу малку знаење, смета Антони Пешев од Стопанската комора.

На светот во годините што следуваат ќе му требаат многу повеќе луѓе кои имаат практични вештини, отколку луѓе кои завршиле универзитет, а Македонија во моментот фабрикува дипломи, но студентите излегуваат од факултетите со многу малку знаење, смета Антони Пешев од Стопанската комора.

Денеска, се одржува конференцијата на тема „Градење иднина: Практични вештини за новата генерација“, во организација на Стопанската комора на Северна Македонија, со поддршка на швајцарскиот проект „Образование за вработување во Северна Македонија“, каде присуствува и министерката за образование Весна Јаневска.

„Забележуваме дека во Македонија има фабрикација на дипломи, многу малку знаење. Ги повикуваме сите високообразовни институции да направат максимални напори да го дигнат нивото на образованието за да можат да одговараат на потребите на стопанството. Очекуваме дека ќе ги користат искуствата од стопанството во делот на формирањето на своите курикулуми и она што се предава на универзитетите и очекуваме соодветна, независна акредитациона комисија во која ќе има и надворешни учесници која ќе го оцени вистинскиот квалитет на овој огромен број на високообразовни институции која по малку го товари пазарот на работна сила и прави голема забуна“, порача Пешев пред почетокот на конференцијата.

Тој се осврна на сѐ почестите изјави на големите светски бизнисмени и лидери во технологијата кои велат дека на светот во годините што следуваат ќе му требаат многу повеќе луѓе кои имаат практични вештини, отколку луѓе кои завршиле универзитет.

„Она што е досега направено во делот на дуалното образование и целокупниот процес на реформите на средното стручно образование и да дадеме сигнал дека е време тоа да се направи и со високото образование. Мислам дека на сите ние јасно дека понатамошното повикување на дипломи, а не повикување на квалитет му доаѓа крај, заради тоа што ако во минатото имавме ситуации во кои технолошките иновации доаѓаат како олеснување овојпат сите сме по малку загрижени затоа што вештачката интелигенција доаѓа како олеснување меѓутоа ќе биде и голем предизвик за значаен дел од работната сила. Македонија не смее да остане настрана од тие токови и мислам дека сега ова е вистински момент да ги одговориме тие прашања“, додава Пешев.

Министерката за образование Јаневска се осврна на максимата дека образованието во Македонија во иднина треба да одговори на барањата на пазарот на труд.

„Во овој момент особена посветеност имаме на стекнување на вештини затоа што навистина во овој период се повеќе ќе се бараат различни вештини. Стручното образование во македонија станува една од најклучните алки во образовниот систем, не само во средното, туку веќе почнуваме да го воведуваме и во високото образование. Во средното образование од една генерација од 17.000 ученици, 12.000 се запишуваат во средно стручно од кои 4.000 во дуални паралелки. Интересно име и тоа е добро затоа што преку работа, преку пракса успеваат да стигнат до одредени и вештини и компетенции кои државата ги поддржува“, додаде таа.

„Македонија ја зајакнува врската меѓу образование и стопанството, преку воведување на дуалното образование. Дуалното образование почна како пилот проект, а сега е препознатлив пристап од кој бенефит имаат и учениците и компаниите, а обезбедува дека вештините се компатибилни со побарувачката“, рече заменик-амбасадорката на Швајцарија.

Со поддршка на Швајцарија успешниот модел во средното образование, сега ќе почне да се применува и во високото образование.