За опозицијата Предлог-буџетот за 2026 година е неразвоен и нереформски, за власта е реален

И денеска пратениците од власта и опозицијата со спротивставени ставови и меѓусебни обвинувања за растот на економијата и за тоа кој повеќе придонел за животниот стандард на граѓаните.

Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска трет ден продолжи расправата за Предлог-буџетот за 2026 година. И денеска пратениците од власта и опозицијата со спротивставени ставови и меѓусебни обвинувања за растот на економијата и за тоа кој повеќе придонел за животниот стандард на граѓаните.

За опозицијата, предложениот буџет не се темели на реални проекции, туку на оптимистички и се користи за купување на социјален мир, а Владата нема план за подобрување на животниот стандард на граѓаните. За владејачкото мнозинство, буџетот е реален и има вложувања во неколку клучни области. Во изминатите седум години, оценија пратениците од владејачкото мнозинство, СДСМ трошел народен буџет, а БДП било проектирано на 1,1 процент за разлика од сега кога БДП е проектирано на 3,2 проценти.

Според Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ, добро е што во буџетот се планирани средства за гасификација на делови од државата и дека се зголемуваат средствата за дигитализацијата. Позитивно, смета Пренџов, е и тоа што има планирано средства во рамки на програмата на Министерството за економија и на Владата за привлекување на странски инвестиции.

– Зборувате дека сме се задолжиле со шест-седум милијарди изминатата година, а вистината е дека Македонија е делумно раздолжена од времето кога вие бевте на власт, рече Пренџов.

Пратеникот Фатмир Битиќи од СДСМ во контрареплика посочи дека во Предлог-буџетот не се планирани средства за студентски домови, спортски сали во средните училишта, за програмата за правичната застапеност….

– Ако достигнете 19 проценти инфлација, а просекот во Европската унија е 24, треба да се гордеете затоа што тоа е за 40 проценти помалку од просекот во Европската унија, но срамота е ако имате инфлација од 4,5 проценти, а просекот во Европската унија е два проценти, затоа што тоа е за 120 повисока инфлација во твојата земја. Така се мери економија, рече Битиќи.

Битиќи се осврна и на стопирањето на средствата од ИПАРД програмата и на брзата пруга од Коридорот 10.

– Случајно да не ја видовте сликата на Трансевропската транспортна мрежа објавена од Европска унија која ќе се финансира со европски пари. Каде е брзата пруга за Коридорот 10 или воопшто ве избришаа?, праша Битиќи.

И според Рина Ајдари од коалицијата Европски фронт, оцени дека опаѓа довербата кај инвеститорите и дека државата троши повеќе отколку што произведува. – Има недостиг на транспаретноста на јавното трошење, буџетот е неразвоен, нереформски, дискриминирачки, рече Ајдари.