Европратеници бараат судска оценка на законитоста на Договорот ЕУ-МЕРКОСУР

Вкупно 145 европратеници од 21 земја членка на ЕУ предложија резолуција со која се бара Судот на правдата на Европската Унија да оцени дали Договорот на блокот со организацијата на јужноамерикански држави МЕРКОСУР е во согласност со договорите за функционирање на Унијата.

Вкупно 145 европратеници од 21 земја членка на ЕУ предложија резолуција со која се бара Судот на правдата на Европската Унија да оцени дали Договорот на блокот со организацијата на јужноамерикански држави МЕРКОСУР е во согласност со договорите за функционирање на Унијата.

По Предлог-резолуцијата, потпишана од пратеници од редовите на Европската народна партија (ЕПП), Прогресивната алијанса на социјалистите и демократи (СД), либералната група Да ја обединиме Европа (РЕ), Зелените и партијата Левица, се очекува Европарламентот да се изјасни во текот на пленарната сесија што ќе се одржи следната недела во Стразбур.

На почетокот на септември 2025 година Европската комисија го одобри Договорот меѓу ЕУ и четирите јужноамерикански држави – Аргентина, Бразил, Парагвај и Уругвај, предлагајќи неколку измени во првичната верзија на документот склучен во јуни 2019 година, кој меѓу другото предвидува намалување на царините за 90 отсто.

Ова намалување на царините предизвикува загриженост за наплив на евтини стоки со сомнителен квалитет од четирите држави на европскиот пазар. Во таа загриженост особено предничат европските земјоделци, кои стравуваат од масовен увоз на говедско месо третирано со хормони.

Во Предлог-резолуцијата на европратениците се оспорува компатибилноста на Договорот со МЕРКОСУР со механизмот за усогласување со правилата на Светската трговска организација (СТО). Овој механизам и дозволува на една страна потписничка на трговски договор право да бара надомест, ако другата договорна страна презема мерки што ги намалуваат или елиминираат придобивките на кои таа има право.

Европратениците во иницијативата ја оспоруваат и одлуката на Европската комисија да го подели Договорот ЕУ-МЕРКОСУР на два посебни документи – Договор за партнерство и Привремен трговски договор и изразуваат сомнеж дали спогодбата дава доволни гаранции за почитување на санитарните и фитосанитарните правила на ЕУ.

Доколку европратениците ја усвојат Резолуцијата, Европарламентот ќе биде должен да покрене постапка пред Судот на правдата на ЕУ за преиспитување и проценка на Договорот.