
Тројца туристи починаа од труење во Истанбул
Нови информации укажуваат дека пестициди биле прскани во соба на приземјето на хотелот во кој отседнале туристите.
Хотел сместен во историскиот центар на Истанбул беше евакуиран откако три члена на турско-германско семејство починаа под сомнение за труење со пестициди, пренесуваат турските медиуми.
Четирите членови на семејството-Турци кои живеат во Германија-се разболеле во средата по јадење популарни јадења во истанбулскиот кварт Ортакој, на брегот на Босфор.
По хоспитализацијата, починале децата на возраст од три и шест години, а во петок починала и мајката, соопшти турското Министерство за правда.
Таткото, според медиумите, бил во критична состојба.
Првичните сомнежи биле насочени кон труење со храна, поради што ресторанoт каде што семејството јадело бил веднаш затворен.
Меѓутоа, нови информации укажуваат дека пестициди биле прскани во соба на приземјето на хотелот во кој отседнале туристите.
Истражителите веруваат дека штетните материи можеле да се прошират до соседните соби.
Двајца други туристи, кои исто така престојувале во истиот хотел, биле хоспитализирани поради мачнина и повраќање.
Турските медиуми јавуваат дека полицијата уапсила еден хотелски работник и двајца изведувачи за дератизација, по што бројот на уапсени се искачи на седум лица.
Веќе четири лица биле притворени претходно, во рамките на истрагата за труење.
Сите гости биле итно префрлени во други хотели. Засега не е објавено колку туристи биле директно погодени од инцидентот.