Во предметот физичко образование да вклучиме и планинарење, вели Сиљановска

-Наместо кон коли и алкохол, да ги мотивираме и да ги насочиме кон физичка и спортска активност на планините. Да го омасовиме рекреативното планинарење – потенцираше Сиљановска.

Време е да ги следиме инспиративните примери на државите во кои рекреативното планинарење не само што е интегрирано во програмата по Физичко образование во сите образовни институции и степени, туку и масовно се практикува како елемент на филозофијата на здрав живот. Да им помогнеме на Министерството за спорт и Министерството за образование во промоцијата на рекреативното планинарење и во негово омасовување. Да му посветиме поголемо внимание на предметот Физичко образование во сите степени на образование и да вклучиме во него искачување на планина, порача претседателката Гордана Сиљановска Давкова по повод 100-годишинината од основањето на Планинарскиот клуб „Љуботен“.

-Да изградиме, во соработка со локалната самоуправа соодветна инфраструктура, планински домови, куќички, видиковци, но и поголеми сместувачки капацитети, одморалишта, хостели, хотели. Знам дека имаме скромни капацитети и можности, но може да почнеме со реновирање на планински домови, а потем и со градење нови. Свесна сум дека се работи за големи инвестиции, но со очекувана сигурна добивка и придобивка за сите граѓани. Не ни требаат светски примери од далеку, доволно е да ги видиме и следиме примерите од соседството за односот кон планините и природата, кон планинарењето и спортот – рече Сиљановска.

Таа апелираше да се афирмира филозофијата на здрав живот и да се направи култ од планинарењето меѓу младите.

-Наместо кон коли и алкохол, да ги мотивираме и да ги насочиме кон физичка и спортска активност на планините. Да го омасовиме рекреативното планинарење – потенцираше Сиљановска.