Славески: Макроекономската слика укажува на отпорност и солидни економски изгледи

Макроекономската слика за домашната економија укажува на отпорност и солиден економски раст, надолно приспособување на инфлацијата и претежно стабилна платнобилансна позиција, којашто обезбедува адекватно ниво на девизни резерви, посочи гувернерот Трајко Славески, кој ги претстави најновите макроекономски проекции на Народната банка за периодот 2025 ‒ 2028 година пред дипломатскиот кор и пред претставниците на меѓународните институции.

Макроекономската слика за домашната економија укажува на отпорност и солиден економски раст, надолно приспособување на инфлацијата и претежно стабилна платнобилансна позиција, којашто обезбедува адекватно ниво на девизни резерви, посочи гувернерот Трајко Славески, кој ги претстави најновите макроекономски проекции на Народната банка за периодот 2025 ‒ 2028 година пред дипломатскиот кор и пред претставниците на меѓународните институции.

На настанот, којшто се организира редовно, по секој нов циклус макроекономски проекции на Народната банка, присуствуваа амбасадори, претставници на дипломатскиот кор и меѓународните институции.

-Во презентацијата беше наведено дека инфлацијата за целата 2025 година се очекува да изнесува 3,9%, во просек, а во понатамошниот период на проекциите ќе следи патека на надолно приспособување и враќање кон историскиот просек, односно ќе се сведе на 2,5% во 2026 година и 2,0% на среден рок. Постепеното стабилизирање на инфлацијата на среден рок би произлегло од закотвените инфлациски очекувања и ограничените притисоци од домашната побарувачка и увозните цени. Во рамките на есенскиот циклус проекции, согласно подоброто остварување во првата половина на годината, се предвидува забрзување на растот на економијата од 3,5% во 2025 година и на 4% на среден рок, при непроменети оцени за фундаменталните фактори од кои зависи растот. Во услови на јавен инфраструктурен циклус и подобрување на надворешните услови, се очекува дека инвестициите ќе бидат главниот фактор за растот, којшто ќе биде дополнително поддржан од домашната потрошувачка и извозната активност. Економијата ќе биде поддржана и од кредитната активност, чијшто просечен раст би се движел над 7% на среден рок, поддржан од натамошното проширување на депозитната база, при стабилен банкарски систем, се наведува во соопштението од Народна банка.

Очекувањата за надворешната позиција на економијата, како што велат од Народната банка, укажуваат на дефицит на тековната сметка од  4,2% од БДП во 2025 година, што претставува одредено продлабочување во споредба со претходната година.

-На среден рок, за периодот 2026 ‒ 2028 година, се предвидува постепено стеснување на дефицитот и негово сведување на 2,6% од БДП во 2028 година. Се очекува дека финансиските текови, главно во форма на странски директни инвестиции и долгорочно задолжување на државата во странство, ќе бидат солидни во текот на периодот на проекциите, обезбедувајќи целосно финансирање на дефицитот и раст на девизните резерви. Светските услови и натаму се неизвесни и непредвидливи, што создава ризици за економскиот раст, инфлацијата и екстерната позиција, нагласувајќи ја потребата од водење претпазливи домашни макроекономски политики, а пред сѐ политики коишто влијаат врз домашната побарувачка, се наведува во соопштението.

Од Народната банка, посочуваат дека внимателно, на дневна основа, ги следат макроекономските податоци и ризиците коишто сѐ уште постојат, и како и досега, соодветно ќе реагира. Притоа, гувернерот истакнал дека доколку продолжат позитивните движења со намалување на стапката на инфлација и во наредните месеци, и во отсуство на административни интервенции во утврдувањето на платите, Народната банка е подготвена соодветно да реагира во насока на натамошно нормализирање на монетарната политика.