
„Филхармонија: On air“ со кларинетистот Васко Дуковски
По концертот во „Музикферајн“ во Виена, оркестарот на Македонската филхармонија се враќа на својата матична сцена, каде вечер во 20 часот ќе настапи заедно со македонскиот кларинетист Васко Дуковски и диригентот Марк Кадин од Украина.
По концертот во „Музикферајн“ во Виена, оркестарот на Македонската филхармонија се враќа на својата матична сцена, каде вечер во 20 часот ќе настапи заедно со македонскиот кларинетист Васко Дуковски и диригентот Марк Кадин од Украина.
На програмата се суитата „Музички вечери“ од Бенџамин Бритн, Интродукција, Тема и варијации за кларинет и оркестар од Џоакино Росини и Симфонијата бр. 41 во Це-дур, К.551 – „Јупитер“ од В.А. Моцарт.
Васко Дуковски е македонски кларинетист, композитор и педагог од исклучителен светски уметнички калибар. Настапува во големите концертни сали во светот, од Њујорк до Шангај. Како истакнат педагог, Дуковски моментално е Специјално назначен професор по кларинет на Универзитетот за уметности во Нанџинг (Nanjing University of Arts) во Кина. Предавал на Квинс Колеџ (Queens College), Џулијард (The Juilliard School), на Летниот камп Усдан (USDAN) и е чест гостинуметник на многубројни меѓународни фестивали, одржувајќи и бројни мастер часови и предавања.
Дуковски има изведено преку 300 светски премиери на нови дела од кои многу од нив се специјално компонирани и инспирирани од неговата виртуозност. Покрај класичната музика, Дуковски ги истражува и џезот, поп-музиката, електронските и експерименталните жанрови, настапувајќи со уметници како Џон Батист, Џејкоб Колиер, Гледис Најт, Стив Колман, Стефан Марли и Марсел Халифе. Како основач и уметнички директор на Тавче Гравче, тој ги истражува богатите традиции на балканската и сефардската музика, продуцирајќи ги афирмираните албуми Наше Село (Our Village) и Звучно опрашување (Sonic Pollination). Добитник е на наградата „40 успешни Македонци под 40 години“ (Обединета македонска дијаспора, 2015) и има освоено многубројни награди на натпревари, вклучувајќи ги натпреварот за камерна музика „Аријага“, натпреварот за кларинет „Андреас Макрис“ во Букурешт.
Изведбите на Марк Кадин, пак, се опишани како „маѓепсан дијалог меѓу умот и емоциите“ („Декрешендо“), „…не само концерт туку трансформативно искуство“ („Ел Универзал“). Со огромен репертоар кој ја опфаќа класичната, романтичната и современата музика, маестро Кадин диригирал на сцени ширум светот, а само во сезоната 2024/25 изведува ремек-дела од Шостакович, Прокофјев, Сибелиус, Брамс, Шопен, Лист, Дебиси, Гершвин, Мијо, Чајковски, Римски-Корсаков, како и Моцартовиот Реквием и Орфеовата Кармина Бурана. Од 2023 година е музички директор на Филхармонијата во Керетаро, оркестар со голема традиција во Мексико, кој оваа година ја одбележува својата 33-та сезона. Претходно, бил главен диригент на Симфонискиот оркестар на Бугарското национално радио (2017 – 2023). Бил и резидентен диригент на Рускиот национален оркестар и на Камерниот оркестар Московски виртуози, а соработувал со Мстислав Ростропович, Кент Нагано, Валериј Гергиев, Мајкл Тилсон-Томас, Евгениј Светланов, Александар Лазарев…, наведуваат од Македонската филхармонија во најавата на вечершаниот концерт.