
Социјал-либералната партија Демократи 66 (Д66) и десно центристичкиот Христијански демократски повик (ЦДА) именуваа свои „известувачи“ со цел да се обидат да издејствуваат договор за формирање нова Влада на Холандија по изборите одржани на 29 октомври.
Партијата Демократи 66 (Д66) на Роб Јетен, која беше неочекуван победник на парламентарните избори освојувајќи 26 мандати, за свој „известувач“ го именува поранешниот министер за економски прашања и екс-извршен директор на банкарската група ИНГ, 74-годишниот Ханс Вајерс.
Од друга страна, ЦДА на Хенри Бонтенбал, која е петта политичка сила во Долниот дом на Парламентот со 18 пратеници, за „известувач“ го именува актуелниот градоначалник на Лејварден и поранешен лидер на партијата, од 2010 до 2019 година, 60-годишниот Сибранд Бума.
Според холандскиот јавен радиодифузен сервис НОС, Вајерс и Бума ќе треба да им асистираат на своите партиски лидери во следната фаза од процесот на формирање на владината коалиција.
Именувањето на Вајерс и Бума следи откако Ваутер Кулмис, кој во договор меѓу парламентарните партии беше именуван за посредник со задача да ги испита можностите за формирање мнозинство во Парламентот, побара од Д66 и ЦДА да изготват подготвителен документ за коалициски договор.
– Се чини дека постои широка поддршка за формирање коалиција која би ги вклучила ЦДА и Д66, изјави Кулмис, откако самиот не успеа да договори формирање нова коалициска Влада. Рокот на Кулмис за оваа мисија истече вчера.
Откако Д66 и ЦДА, кои важат за идеолошки најблиски меѓу поголемите парламентарни партии, ќе го изработат начелниот коалициски договор, Вајерс и Бума ќе треба да утврдат кои други партии се подготвени да соработуваат врз основа на овој документ.
За ваквиот пристап во формирањето на Влада денеска треба да се изјасни и Парламентот, кој вчера ја одржа својата конститутивна седница. Доколку ваквиот пристап предложен од Кулмис биде поддржан од Парламентот, Вајерс и Бума и официјално ќе бидат именувани за посредници и ќе имаа рок до 9 декември да издејствуваат договорот за нова коалиција.
Сепак, според НОС, мисијата на Вајерс и Бума нема да биде лесна имајќи предвид дека некои од нивните потенцијални коалициски партнери најавија дека не сакаат да соработуваат.
По објавувањето на изборните резултати, како најверојатна коалиција беше посочувана онаа меѓу Д66, ЦДА, конзервативно-либералната Народна партија за слобода и демократија (ВВД) и блокот на социјалдемократската Лабуристичка партија (ПВДА) и еколошката Зелена левица (ГЛ), која би имала 86 места во Парламентот или 10 повеќе од потребните 76 за мнозинство.
И самиот лидер на Д66, Јетен, кој е најсериозен кандидат за нов премиер, уште во текот на изборната ноќ изрази желба за формирање на „коалиција на центарот“ на овие четири партии.
Меѓутоа, ВВД на Дилан Јешилѓоз-Зехериус одбива да коалицира со блокот на лабуристите и зелените и предлага „коалиција на десниот центар“ со Д66, ЦДА и десничарската партија Вистински одговор 21 (ЈА21). Но, ваквата коалиција би имала 75 пратеници или едно помалку од потребниот број за парламентарно мнозинство.
Во вакви услови, според Кулмис, иако партиите изразуваат желба за брзо формирање нова Влада, сепак е малку веројатно дека тоа ќе се случи пред Божиќ.