
Вработени во Агенцијата за разузнавање без безбедносен сертификат
Анонимен подносител пријавил случај на еден вработен кој на почетокот на 2024 година не добил безбедносен сертификат и кој според законските правила требало да биде отпуштен од работа. Истовремено, пријавителот тврди дека четворица други вработени, претходно суспендирани поради истата причина, биле вратени на работа без сертификати. Вината, според пријавителот, ја носи директорката на Агенцијата.
Сомнежи дека во Агенцијата за разузнавање (АР) се вработени лица без безбедносни сертификати доведоа до претставка поднесена до Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), објави Телма.
Анонимен подносител пријавил случај на еден вработен кој на почетокот на 2024 година не добил безбедносен сертификат и кој според законските правила требало да биде отпуштен од работа. Истовремено, пријавителот тврди дека четворица други вработени, претходно суспендирани поради истата причина, биле вратени на работа без сертификати. Вината, според пријавителот, ја носи директорката на Агенцијата.
Телма наведува дека ДКСК се прогласила за ненадлежна и ја препратила претставката до Собраниската комисија за надзор на Агенцијата за разузнавање и до претседателката Сиљановска Давкова.
Според документот објавен на веб-страницата на ДКСК, во претставката се опфатени два одделни случаи:
Првиот случај се однесува на вработен кој на почетокот од 2024 година добил негативен одговор од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации (ДБКИ), поради што не му бил издаден безбедносен сертификат. Пријавителот тврди дека директорката на АР не донела решение за суспензија или отказ и дека лицето потоа потпишало спогодба за преземање во Министерството за внатрешни работи.
Вториот случај се однесува на четворица вработени кои лани во август биле вратени на работа по суспензија, и покрај тоа што немале безбедносен сертификат поради утврден безбедносен ризик од Агенцијата за национална безбедност. Подносителот тврди дека второстепена комисија делумно ги прифатила нивните жалби, но дека одлуката на ДБКИ останала во сила, а директорката сепак донела решение за враќање на работните места.
Телма истакнува дека Агенцијата за разузнавање не одговорила дали тврдењата се точни. Името на директорката Габриела Јаковлева, која е на функцијата од јуни 2024 година, не е објавено во образложението на ДКСК.
ДКСК на седницата од 13 октомври се прогласила за ненадлежна и ја препратила претставката до претседателката на државата и до собраниската комисија за надзор. Од кабинетот на Силјановска Телма не добила одговор како ќе се постапува, а претседателот на комисијата, Скендер Реџепи, потврдил дека претставката е примена и дека ќе се разгледува од понеделник.