Кадиевска Војновиќ влегува во УО на Стопанска банка Битола која беше купена од Алта Банка Белград

Некогашната вицегувернерка на Народната банка и универзитетска професорка на Американ колеџ, Маја Кадиевска Војновиќ, е предложена за нов член на Управниот одбор на Стопанска банка Битола.

Некогашната вицегувернерка на Народната банка и универзитетска професорка на Американ колеџ, Маја Кадиевска Војновиќ, е предложена за нов член на Управниот одбор на Стопанска банка Битола.

„Врз основа на член 33 од Правилата за котација на Македонска берза за хартии од вредност АД Скопје, Стопанска банка а.д. Битола известува дека на ден 5.11.2025 година, членот на Управниот одбор, г-ѓа м-р Даниела Ѓоршевска поднесе писмена оставка од функцијата член на Управниот одбор на Банката.

Воедно, Стопанска банка а.д. Битола известува дека Надзорниот одбор на банката со одлука донесена на 25. седница, одржана на 10.11.2025 година, ја именуваше г-ѓа м-р Маја Кадиевска Војновиќ за нов член на Управниот одбор на банката, која одлука ќе влезе во сила по добивање согласност од страна на Извршниот одбор на Народната банка на Република Северна Македонија за предложеното лице за член на Управен одбор на Банката.

До добивањето на согласност од страна на Извршниот одбор на Народната банка на Република Северна Македонија за предложеното лице за член на Управен одбор на Банката, г-ѓа м-р Даниела Ѓоршевска ќе продолжи да ја извршува својата функција како член на Управниот одбор на Банката“, објавија на Македонска берза.

Кадиевска Војновиќ веќе трета година или од јануари 2023 година е советник за стратешки работи на Управниот одбор на Стопанска банка а.д. Битола, а до јуни 2025 година беше и член на Надзорниот одбор на КИБС.

Вицегувернер на Народната банка беше во периодот од 2011 година до 2018 година, задолжена за Секторот на операции на финансиски пазари и платни системи. Како вицегувернер имаше две исклучително значајни позиции во рамките на Народната банка, претседател на Комитетот за инвестирање на девизните резерви и претседател на Комитетот за управување со актива и пасива, а воедно беше и член на Комитетот за оперативна монетарна политика.

Маја Кадиевска – Војновиќ беше дел и од Извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, пред еден месец, Алта Банка од Белград успешно ја презеде Стопанска банка Битола.

Извор: Фокус