
ЕП бара законско регулирање на употребата на вештачката интелигенција во работните процеси
Комитетот за вработување и социјални прашања на Европскиот парламент со 41 глас „за“, шест „против“ и четири „воздржани“, усвои извештај со кој се бара од Европската комисија да подготви законска регулатива за употребата на алгоритамски технологии, пред се на вештачката интелигенција, во работните процеси во ЕУ.
Комитетот за вработување и социјални прашања на Европскиот парламент со 41 глас „за“, шест „против“ и четири „воздржани“, денеска усвои извештај со кој се бара од Европската комисија да подготви законска регулатива за употребата на алгоритамски технологии, пред се на вештачката интелигенција, во работните процеси во ЕУ.
Според европратениците, целта на ваквата регулатива би била да се гарантира транспарентно, фер и безбедно користење на автоматизирани системи за спроведување на процесите и донесувањето одлуки на работните места.
Во документот се нагласува дека иако алгоритамските системи за управување нудат можности за оптимизација на работата, сепак овие технологии треба да бидат надгледувани од луѓе и дека при тоа мора да се води сметка за транспарентноста и заштитата на основните права и личните податоци.
Според европратениците, сите одлуки донесени или поддржани од алгоритамските системи за управување, мора да бидат под човечки надзор и на работниците треба да им се овозможи да бараат објаснувања за ваквите одлуки.
Во извештајот се потенцира дека конечните одлуки за започнување или прекин на работен однос, обнова или раскинување на договор за работа, за промени во висината на платите или за дисциплински мерки мора да ги носи човек.
Европратениците бараат и работниците да бидат информирани за тоа како овие автоматизирани системи влијаат врз условите за работа, кога се користат за носење одлуки, каков вид податоци собираат или обработуваат и како се обезбедува човечки надзор врз нив.
Со документот се бара работниците да бидат обучени за справување со овие системи, како и да бидат консултирани за одлуките за надоместоци, евалуација, распределба на задачи или работно време донесени со поддршка на алгоритамските системи за управување.
– Употребата на алгоритамски технологии мора да ја почитува благосостојбата на работниците и не смее да ја загрози нивната безбедност или физичко или ментално здравје, се додава во извештајот.
Со цел заштита на приватноста и податоците на работниците, европратениците бараат забрана на алгоритамска обработка на податоци поврзани со емоционалните, психолошките или невролошките состојби на работниците и на нивните приватните комуникации. Исто така, се предлага забрана на користење на овие системи за следење и географско лоцирање на работниците надвор од работното време и за употребата на податоци поврзани со слободата на здружување и колективното договарање.
Извештајот ќе се најде на гласање на пленарната сесија на ЕП во декември и доколку биде усвоен, Европската комисијата ќе има три месеци да постапи по него или да ги информира европратениците за чекорите што планира да ги преземе во врска со предлогот. Доколку пак реши да го одбие предлогот, ЕК ќе мора да ги образложи причините за тоа пред Парламентот.