Зголемен интересот на Грците за купувања за време на Блек Фрајдеј и Сајбер Мандеј

Речиси двајца од тројца анкетирани Грци, односно 63 отсто, наспроти 50 проценти лани рекле дека оваа година планираат да купуваат за време на попустите за Блек Фрајдеј и Сајбер Мандеј.

Речиси двајца од тројца анкетирани Грци, односно 63 отсто, наспроти 50 проценти лани рекле дека оваа година планираат да купуваат за време на попустите за Блек Фрајдеј и Сајбер Мандеј, покажуваат резултатите од првичната анализа на резултатите од големото истражување на EY Грција, спроведено во соработка со „MRB“ и „Choose Communications“, јави дописничката на МИА од Атина.

Интересот на грчките потрошувачи да ги искористат попустите е значително поголем во споредба со лани, но 45 отсто изјавиле дека се резервирани во однос на тоа дали попустите и понудите се вистински.

Најголем е интересот за купување кај старосната група 30-39 години, додека минатата година најподготвени за купување биле младите меѓу 18 и 29 години.

Во однос на тоа што планираат да купуваат, на прво место се производите поврзани со технологијата и електронските уреди, а потоа се облеката и аксесоарите.

Нешто помалку од половина испитаници изразиле резервираност и сомнеж дека попустите ќе бидат навистина реални, но и покрај тоа, 81 отсто рекле дека некои планирани купувања ги одложиле за Блек Фрајдеј и Сајбер Мандеј.

Коментирајќи ги резултатите од истражувањето раководител на секторот за малопродажбата на EY во Југоисточна Европа Танос Маврос посочи дека доколку зголемениот интерес на потрошувачите се потврди во пракса тоа ќе биде „особено охрабрувачко за малопродажбата“.

– Во исто време, сепак, бизнисите треба да размислат за резервираноста изразена од значителен дел од потрошувачите и да преземат иницијативи за зајакнување на довербата на јавноста, зголемувајќи ја транспарентноста и кредибилитетот на нивната практика во корист на потрошувачот, нагласи Маврос.

Конкретните првични резултатите се од големото истражување во Грција на британската EY (претходно позната како „во соработка со „MRB“ и „Choose Communications“, под наслов „EY Future Consumer Index Greece 2025“, кое целосно ќе биде објавено во декември.