Бежовски: Комунален премиер
Ова не е операција за хигиена на градот, туку за хигиена на сликата. Мицкоски ја користи метлата како симбол на ред, но редот што го чисти е медиумски, не системски. Неговиот популизам и илузии се судираат со тврдиот европски бетон – уставните измени и условите за почеток на преговорите.
Александар Бежовски
Чистењето на Скопје под директна команда на премиерот Мицкоски, иако сите нè изненади, е јасен показател дека неговата политичка позиција е под силен притисок. Причината е јасна — најновиот извештај на Европската комисија е најнегативен во последните дваесет години. Тоа е момент кога изгледа ја губи политичката сигурност, а акцијата со чистењето изгледа како класичен обид да се мобилизира народната енергија и вниманието да се пренасочи од Европа кон улицата — ако треба, ќе го исчистиме и Брисел!
Сценариото е препознатливо: лидер под притисок бара контакт со „народот“, се слика со метла, ја презема улогата на спасител и симболично го враќа авторитетот преку комунална акција. Тоа е стратегија која некогаш ја користеше Тито, а денес Вучиќ.
Но, зад таа метла стои психолошка драма. Самиот премиер призна дека се чувствува уценет и притиснат од „невидливи сили“, од некој „голем були“. Парадоксот е што и самиот често се однесува како политички були кон своите противници.
Изјавата дека извештајот на ЕК е „извештајче“ ја открива неговата нервоза и страв од соочување со реалноста. Во таа состојба, акцијата за чистење станува вид терапија – емоционален обид да се врати контролата, да се избега од стегите на европските барања и да се покаже дека „се работи“.
Наместо одговор на критиките од Брисел, добивме спектакл на улиците. Наместо институционална акција – метла. Наместо европска агенда – комунална кампања. Мицкоски се обидува да го претвори политичкиот пораз во херојска сцена, убедувајќи го народот дека е „чистач“ на ѓубрето што го оставила опозицијата. Но, зад таа слика стои политичка магла – пренасочување на вниманието од стратешките неуспеси.
Ова не е операција за хигиена на градот, туку за хигиена на сликата. Мицкоски ја користи метлата како симбол на ред, но редот што го чисти е медиумски, не системски. Неговиот популизам и илузии се судираат со тврдиот европски бетон – уставните измени и условите за почеток на преговорите.
Тој стои на сериозен крстопат, заедно со старата транзициска олигархија која е против народната потреба за Европа – сега и веднаш!
И тука не завршува политичкиот чин – ова е манифестација на паника и симболичка слика за опстанок на ретроградните структури во нашето општество, на штета на благосостојбата на народот.
Во држава во која симболиката е поважна од суштината – и метлата стана политичка програма.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на „Трилинг“