
Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Михалис Рокас му го предаде на премиерот Христијан Мицкоски „извештајчето“ за тоа каде е нашата држава во приближувањето кон Европската Унија. И додека премиерот ги посочи главно попозитивните оценки, Рокас ги наброја сите политики околу кои Владата не покажува напредок, при што како што рече – веќе во три извештаи на Европската комисија нема напредок во борбата против корупцијата!
Според Рокас, реформите во земјата се прават бавно, иако сега е момент Македонија да испорача за да го добие заслуженото место во европското семејство.
„Сега е момент да се искористи приликата, да се забрзаат реформите и да се спроведуваат поодлучно“, порача Рокас, фокусирајќи се потоа на стагнирањата. Според него, во Македонија нема напредок во реформите на судскиот систем и во борбата со корупцијата, кои се а суштински и не се само одредници, туку темел на довербата на граѓаните во европската иднина на државата.
„Веќе трета година по ред во оваа област немаме напредок и токму тука една нова посветеност може да обезбеди суштинска разлика“, порача Рокас,.
Според него мора да се обезбеди финансиската независност на судството и тоа да биде ослободено од мешањето, порачувајќи најдиректно дека во нацрт буџетот за 2026 година треба да се зголемат средствата за оваа цел за да се остварат реформите и амбициите на земјата.

Околу борбата со корупцијата Рокас побара да се смени Кривичниот закон, нешто што премиерот го ветуваше уште кога беше во опозиција, а поминаа 18 месеци откако е на власт и стариот се уште опстојува иако е трн во „чевелот “ на ЕУ – бидејќи ја амнестира високата корупција. Според ЕУ амбасадорот постои сериозна можност да се започне дијалог и да се заврши обврската околу уставните измени, порачувајќи ни – надминете ги политичките поделби, забрзајте ги реформите и завршите со именувањата и назначувањата.
Тој беше охрабрен од тоа што Владата работи на акциските планови за малцинствата, за владеењето на правото и за јавната администрација со порака дека со нетрпение чекаат да ги видат усвоени до крајот на оваа година за да продолжи евроинтеграцискиот процес – нешто што власта очигледно го развлекува.
„Реформите се бавни, но има извесен напредок во одредени области што ги спомена премиерот. Сакаме да ја видиме Северна Македонија да го искористи овој момент. ЕУ стои до вас, но сопствеништвото на процесот е ваше“, порача Рокас, практично укажувајќи дека процесот зависи од нас, а не од силните неправди на кои се жалиме постојано во однос на Брисел.
Откако ја пофали усогласеноста на нашата држава со надворешната и безбедносна политика на ЕУ, Рокас спомена дека Македонија поминала долг пат, дека ја имаме основата и сега треба да ја надградиме со нова енергија и посветеност за да Македонија го заземе своето место во европското семејство.

Прво што кажа премиерот Мицкоски беше оградата дека извештајот не се однесува само на оваа влада, односно дека не е оценка за постигнувањата од една година туку за континуитет на реформските процеси, нивото на институционална зрелост и начинот на кој земјата одговара на долгорочните европски приоритети.
Тој нагласи дека извештајот не нотира назадувања, но нотира немање напредок во некои области и напредок во други, со порака дека владата активно работи на постигнување на европските стандарди.
„Во извештајот се нотира дека во некои области постои „одреден“ или „ограничен напредок“. Конкретно, нема области со назадување, а во четири поглавја е забележан „добар напредок“. Во едно поглавје, „Слободно движење на капитал“, дури е зголемено нивото на подготовка, благодарение на приклучувањето кон SEPA и спроведувањето на мерките против перење пари и финансирање на тероризам“, рече Мицкоски на прес конференцијата.
Притоа посочи дека има и предизвици поврзани со владеењето на правото, борбата против корупцијата, судскиот систем, политичката поларизација и недоволната соработка на институциите, но уверуваше дека за тоа се поставени јасни приоритети и дека остануваат целосно посветени на европскиот пат со полноправно членство како наша цел
„Оваа Влада не само што е свесна за тие предизвици, туку веќе работи на нивното надминување. Поставени се нови приоритети за реформа на судството, за зголемување на одговорноста и за воспоставување на јасни критериуми за оценување на судиите и јавните обвинители. Во делот на антикорупцијата, процесот на целосна дигитализација на јавните набавки и на транспарентноста на буџетските расходи ќе продолжи во 2026 година. Во однос на јавната администрација, Владата е решена да го прекине долгогодишниот модел на партизација и да воспостави систем во кој компетенцијата и професионалноста ќе бидат единствените критериуми за напредување. Паралелно, продолжуваат и активностите за подобрување на условите во затворите, за унапредување на човековите права и за социјална интеграција на ранливите категории“, рече Мицкоски.
„Ќе ги адресираме сите области каде што е забележан застој, со конкретни мерки, јасни рокови и отчетност“, вети Мицкоски.
Преземено од Независен.мк