
Најмалку 66 лица загинаа, а повеќе од 430.000 се раселени по ударот на тајфунот Калмаеги нa Филипините, соопшти денеска националната агенција за управување со катастрофи.
Десет лица се повредени во поплави и несреќи предизвикани од силниот ветер и обилните врнежи, кои зафатија 24 провинции во регионите Лузон, Висајас и Минданао.
Тајфунот имал ветрови со јачина до 130 километри на час, со налети и до 180 км/ч, додека се оддалечувал од западниот брег на земјата. Се движел со брзина од 25 км/ч кон северозапад и се очекува вечерва или утре да ја напушти територијата на Филипините и да продолжи кон Виетнам.
Најтешко погодена е провинцијата Себу, каде што 49 лица загинале во поплави и одрони. Смртни случаи се пријавени и на островот Негрос и во провинциите Капиз, Бохол, Лејте и Јужен Лејте.
Во провинцијата Агусан дел Сур, шест лица загинале кога воен хеликоптер ангажиран за проценка на штетите се урнал.
Вкупно 706.000 лица се погодени од невремето, од кои 436.000 се евакуирани. Во повеќето погодени области снабдувањето со електрична енергија е прекинато, а 30 летови се откажани. Околу 3.000 патници останале блокирани во пристаништата.
Метеоролошката служба предупреди дека нова тропска депресија се приближува и може да се засили во супертјун во текот на викендот.
Секоја година Филипините се погодени од околу 20 тропски циклони. Најразорниот беше тајфунот Хаијан во 2013 година, кој однесе повеќе од 6.300 животи.