Рокас во Собранието го презентира извештајот за напредокот на државава кон ЕУ

На затворена седница во Собранието евроамбасадорот Михалис Рокас го презентира најновиот извештај за напредокот на земјава во процесот на пристапување кон Европската Унија.

На затворена седница во Собранието евроамбасадорот Михалис Рокас го презентира најновиот извештај за напредокот на земјава во процесот на пристапување кон Европската Унија.

На седницата, покрај претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши, присуствуваат координатори на пратенички групи и претставници на парламентарни партии, меѓу кои Оливер Спасовски и Јован Митревски од СДСМ, Марија Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ, Бобан Карапејовски од ЗНАМ и Беким Ќоку од ВРЕДИ.

Во извештајот се нагласува дека Северна Македонија останува целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што ја потврдува нејзината стратешка ориентација. Сепак, Европската Комисија укажува дека се потребни побрзи и поодлучни чекори за отворање на Првиот кластер од преговорите, особено во делот на владеењето на правото, реформата на јавната администрација и заштитата на малцинствата.

Извештајот исто така нотира дека земјата мора да ги засили напорите во борбата против корупцијата и организираниот криминал, со посебен акцент на независноста на судството и ефикасното гонење на случаи на високо ниво. Како клучна забелешка се наведува и тоа што сè уште не се преземени решителни чекори за усвојување на уставните измени, вклучително и вметнување на Бугарите во Уставот, согласно претходно преземените обврски.

Европската комисија потсетува дека членството во ЕУ претставува геостратешка инвестиција во стабилна и обединета Европа и дека процесот на проширување ќе остане строг, фер и базиран на заслуги.

Кандидатите за членство, како што се наведува, мора да спроведат длабоки и неповратни реформи и да изградат општествен консензус околу европските вредности.