Прекината истрагата против Додик, Стевандиќ и Вишковиќ за напад врз уставниот поредок на БИХ

Уставниот суд на Босна и Херцеговина ги поништи сите овие закони, а потоа Народното собрание на РС ги повлече како дел од таканаречениот план за „деескалација на кризата“ во БиХ, што владата на РС го договори со американската администрација.

Обвинителството на Босна и Херцеговина (БиХ) ја прекина истрагата за напад врз уставниот поредок против поранешниот претседател на Република Српска Милорад Додик, претседателот на Народното собрание, Ненад Стевандиќ, и поранешниот премиер, Радован Вишковиќ, објавија сараевските медиуми и Радио-телевизијата на РС- РТРС, наведувајќи дека оваа информација неофицијално им е потврдена од Обвинителството на БиХ.

Истрагата против нив беше отворена во декември минатата година, поради основано сомнение дека сториле кривично дело „напад врз уставниот поредок на Босна и Херцеговина“, со донесување закони во Народното собрание на Република Босна и Херцеговина со кои, на територијата на тој ентитет на БиХ, се забранува работата на Судот и Обвинителството на БиХ, Државната агенција за истраги и заштита (СИПА), како и Високиот судски и обвинителски совет на БиХ (ВСО).

Уставниот суд на Босна и Херцеговина ги поништи сите овие закони, а потоа Народното собрание на РС ги повлече како дел од таканаречениот план за „деескалација на кризата“ во БиХ, што владата на РС го договори со американската администрација.

Резултатот од одлуката на Народното собрание да ги повлече овие закони, како и законите за неизвршување на одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина и на Високиот претставник на меѓународната заедница на територијата на РС, поради кои Додик беше законски осуден пред Судот на Босна и Херцеговина, е укинување на американските санкции против Милорад Додик, членовите на неговото семејство, најблиските соработници и блиските компании.