
Перу одлучи да ги прекине дипломатските односи со Мексико, изјави синоќа перуанскиот министер за надворешни работи Уго де Зела, откако мексиканските власти почнаа постапка за доделување азил на поранешната перуанска премиерка Бетси Чавез.
Зела истакна дека Владата на Мексико извршила „непријателски чин“ со отворањето постапка за доделување азил на Чавез, која беше на функцијата за време на мандатот на поранешниот перуански претседател Педро Кастиљо.
Кастиљо беше отстранет од функцијата и уапсен кон крајот на 2022 година откако се обиде да го распушти Конгресот на Перу. Чавез, исто така, се соочува со кривични обвиненија за нејзината наводна улога.