Заврши гласањето на осмите локални избори во вториот круг, почнува броењето

Денеска не се гласаше за градоначалници во Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и во Маврово, и таму постапката ќе се повтори.

Во 19 часот затворени се избирачките места на кои граѓаните денеска можеа да гласаат во вториот круг од oсмите локални избори, за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за советници.

Денеска не се гласаше за градоначалници во Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и во Маврово, и таму постапката ќе се повтори во рок од 60 дена по завршување на Локалните избори.

Во вториот изборен круг за градоначалник се гласаше во главниот град и во Аеродром, Боговиње, Брвеница, Валандово, Виница, Дебар, Дебарца, Демир Капија, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Струга, Студеничани, Тетово, Центар, Чешиново Облешево, Чучер Сандево, Шуто Оризари, Долнени, Дојран и Зрновци.

Право на глас во вториот круг на изборите имаат 1 013 375 гласачи. Од нив право на глас во Град Скопје имаат 474 304 избирачи. Во главниот град во општините Центар, Аеродром, Карпош имаше две ливчиња за гласање бидејќи се избираше градоначалник на Скопје и на локалната самоуправа, додека во Шуто Оризари на три гласачки места се гласаше за градоначалници и имаше прегласување и за советници. Во останатите општини се гласаше само за градоначалник.

На изборите учествуваа 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури. Најмногу кандидати за градоначалници имаше за Градот Скопје – 16, а во вториот круг се натпреваруваа двајца кандидати.

Изборите ги следеа 1 598 меѓународни и странски набљудувачи, од кои 933 странски и 651 меѓународен.

Државната изборна комисија соопшти дека до 17 часот излезеноста во Скопје е 28,52 проценти, а во сите општини низ државава каде што се гласа во вториот круг од локалните избори процентот на избирачи што излегле на гласање е 39,28. Најголем одѕив на гласање има во Конче (64,44), а најмал во Сарај 8,77 проценти, соопшти на прес-конференција Радица Тодоровска Алексовска, портпаролка на ДИК.

Во 19:00 часот гласачките места се затвораат. На избирачите затекнати во објектот каде што се гласа им се овозможува да гласаат. Гласачкото место на кое гласале сите граѓани запишани во изводот од Избирачкиот список може да се затвори и пред 19:00 часот, по претходна согласност од надлежната општинска изборна комисија (ОИК), но не отпочнува со броење на гласовите пред 19:00 часот.

Записниците и другиот изборен материјал, избирачкиот одбор ги доставува до Општинската изборна комисија, односно Изборната комисија на градот Скопје, во рок од пет часа по завршувањето на гласањето. Изборниот материјал до ОИК го доставува претседателот на ИО во придружба на заинтересирани членови на ИО или претставници на подносителите на листите и претставници од полицијата, ако за тоа има потреба.

Партиските раководства се во нивните штабови, каде ги чекаат резултатите од гласањето, кои се очекува да бидат објавени околу полноќ.

Вчера, ден пред изборите, од вкупно 4.826 болни или немоќни лица кои можеа да го остварат своето право на глас на вториот круг од локалните избори гласале 3.327 гласачи, информира Државната изборна комисија (ДИК).

-Во 14 казнено поправни установи, каде што своето право на глас можат да го остварат 1.256 лица кои се на издржување казна затвор или притвор гласале 588 гласачи. Од 214 лица сместени во установите за вонсемејна грижа до 18:30 часот гласале 125 гласачи, соопшти ДИК.

Гласањето, како што се посочува во соопштението, за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности.