
ЕУ и земјите од Западниот Балкан ја зајакнуваат соработката во секторите правда и внатрешни работи
Зајакнувањето на соработката во онлајн безбедноста и справувањето со илегалната миграција, усогласувањето на визната политика, контролата на границите, почитувањето на принципите на владеењето на правото, демократија и основните права и на независноста на судството, како и борбата против организираниот криминал и корупцијата, беа главни теми на дводневниот Министерски форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи, што заврши денеска во Сараево.
Зајакнувањето на соработката во онлајн безбедноста и справувањето со илегалната миграција, усогласувањето на визната политика, контролата на границите, почитувањето на принципите на владеењето на правото, демократија и основните права и на независноста на судството, како и борбата против организираниот криминал и корупцијата, беа главни теми на дводневниот Министерски форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи, што заврши денеска во Сараево.
Како што соопшти Советот на ЕУ, на собирот присуствувале министри за правда и за внатрешни работи или нивни претставници од земјите од Западниот Балкан, еврокомесарите за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер и за демократија, правда и владеење на правото Мајкл Мекграт, како и претставници на актуелниот и идните претседавачи со Советот на ЕУ, Данска, Кипар и Ирска.
– Европската Унија и партнерите од Западниот Балкан разговараа за тоа како дополнително да ја зајакнат соработката во онлајн димензијата на безбедноста, вклучително и борбата против радикализацијата, финансирањето на тероризмот, насилниот екстремизам и терористичка содржина и трговијата со дрога, се наведува во соопштението.
На состанокот било заклучено дека социјалните медиуми и платформите за онлајн игри станале „главен вектор“ за радикализација и регрутирање на ранливи млади луѓе, па во тој контекст била нагласен потребата за продолжување на реализацијата на заедничките напори во рамките на новиот Акциски план за спречување и борба против тероризмот и насилниот екстремизам, потпишан синоќа на маргините на средбата.
– Учесниците нагласија дека ќе продолжат заедничките напори и во борбата против организираниот криминал и трговијата со дрога, како и дека е потребна ефикасна соработка со онлајн платформите за упатување на нелегална содржина и обезбедување законски пристап до податоци, се додава во соопштението.
На средбата била нагласена заедничката посветеност на справувањето со илегалната миграција и борбата против шверцот на мигранти и трговијата со луѓе, како и потребата за понатамошни чекори кон усогласување на визните политики на земјите од регионот со оние на ЕУ. Учесниците на форумот разговарале и за промоција на легални мигрантски патишта низ Западниот Балкан и за зајакнувајќи на соработка и во други клучни области, како што се враќањето и реадмисијата на мигрантите.
Претставниците на ЕУ и на земјите од Западниот Балкан разговарале и за независноста на судството, начините за зајакнување на неговата отпорноста и за судските реформи.
– Европската унија ги охрабри партнерите од Западен Балкан да се справат и да ги истражат и санкционираат случаите на притисок врз судиите и да обезбедат заштита на засегнатите лица и институции. Тие, исто така, разговараа и за судската димензија на борбата против корупцијата и организираниот криминал, се додава во соопштението.
На состанокот станало збори и за предизвиците со кои се соочуваат демократиите во Европа, при што претставниците на ЕУ ги истакнале нејзините мерки за заштита на интегритетот на изборите и за зајакнување на демократијата, вклучително и преку претстојниот Европски штит за демократија и ги повикале земјите од Западниот Балкан да продолжат со изборните реформи во согласност со препораките на ОБСЕ/ОДИХР.
Претставниците на ЕУ и земјите од регионот разговарале и за предизвиците поврзани со актите на омраза поттикнати од расизам и ксенофобија и за можностите за справување со нив преку кривично право.
– Земјите од Западниот Балкан беа охрабрени да ги засилат напорите за надминување на недостатоците во усогласувањето со законодавството на ЕУ и за почитување на основните права во пракса, се додава во соопштението од министерската средба во Сараево.