Интернационален фестивал на аматерски документарен филм „Камера 300“ во Битола

Со проекција на наградени филмови, вечер во Битола почнува 33. Интернационален фестивал на аматерски (непрофесионален) документарен филм (ИФАДФ) „Камера 300“.

Со проекција на наградени филмови, вечер во Битола почнува 33. Интернационален фестивал на аматерски (непрофесионален) документарен филм (ИФАДФ) „Камера 300“.

Годинава, учесниците на фестивалот го слават јубилејот 120 години од првиот филмски запис на овие простори со баба Деспина како преде волна, снимен со познатата камера 300 на браќата Манаки.

– Фестивалот „Камера 300“ ќе се одржува два дена, вечер ќе се емитуваат седум наградени документарни филмови, а утре уште пет наградени филмови кои конкурираа за награди. Имаме гости од повеќе држави, а на свеченото отворање ќе присуствува и Ема Зафировска, Македонка која е родена и живее во Велика Британија, наш годинашен добитник на највисокото признание, наградата Гран При што ја доби за нејзиниот авторски филм „Мајчински инстинкти“, посочува Стефан Хаџи Антоновски, претседател на организацискиот одбор.

На ИФАДФ во Битола ќе бидат емитувани филмови и доделени награди на Валентина Андреиќ од Македонија која за филмот „Три манастирски цркви во регионот Куманово“ освои златна Камера 300, на Ервин Спренгер од Австрија кој за филмот „Мефисто“ доби сребрена Камера 300, додека бронзена Камера 300 ќе му биде доделена на Фригман Мејс од Германија за документарниот филм „Зората во Њујорк“.

Организаторите на фестивалот, Кино видео клубот „Студио Милтон Манаки“, Народна техника-Битола и Кино сојуз на Македонија соопштија дека Општина Битола ќе додели посебна плакета на Франц Моге од Словенија автор на документарецот „Клукајдрвци“.